СКОПЈЕ ИМ ОДДАДЕ ПОЧИТ НА ПОЖАРНИКАРИТЕ Ѓорѓиевски најави подобри услови и нова опрема

Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски порача дека пожарникарите ја имаат довербата на граѓаните и најави продолжување на модернизацијата на Противпожарната бригада на Град Скопје.

0

По повод Денот на пожарникарството, градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, упати честитка и благодарност до скопските пожарникари, истакнувајќи дека тие се вистински херои кои секојдневно ги ризикуваат своите животи за да спасат луѓе, домови и имоти.

Во обраќањето пред припадниците на Противпожарната бригада, Ѓорѓиевски нагласи дека пожарникарството не е само професија, туку повик што бара дисциплина, пожртвуваност и човечност.






– Хероизмот заслужува почит, но и поддршка. Храброста заслужува благодарност, но и современа опрема, подобри услови и силен систем што ќе стои зад пожарникарите – порача Ѓорѓиевски.

Тој посочи дека пожарникарите се луѓето кои први пристигнуваат таму каде што опасноста е најголема и токму затоа ја имаат довербата на граѓаните.

– Граѓаните знаат дека кога ќе ги видат пожарникарите, помошта пристигнала. Тоа е доверба што се гради со години, со храброст, пожртвуваност и чесна служба – истакна градоначалникот.

Во рамки на одбележувањето беше потенциран и значајниот јубилеј – 190 години од формирањето на првата противпожарна единица во Македонија, што, како што беше посочено, претставува доказ за долгата традиција на организирана заштита и служба кон граѓаните.

Ѓорѓиевски најави дека модернизацијата на Противпожарната бригада останува приоритет и во наредниот период, при што веќе е завршен нов спортски комплекс во рамки на бригадата, наменет за подобрување на физичката подготвеност и условите за работа на пожарникарите.

Според најавите, ќе следуваат и дополнителни активности за унапредување на опремата и оперативната подготвеност на противпожарните служби во Скопје.

Поврзани содржини