СКОКНАЛ ПО ВЕСЛАТА И ИСЧЕЗНАЛ ВО ПРЕСПАНСКОТО ЕЗЕРО Нуркачи од „Тигар“ трагаат по 71-годишен скопјанец
Двајца рибари излегле на брегот, а уште двајца останале во езерото кај Сливница. Едниот скокнал по паднатите весла и не излегол од водата, додека ветерот го носел чамецот со другиот рибар кон Крани.
Скопјанец на 71-годишна возраст исчезнал во Преспанското Езеро откако скокнал по веслата што му паднале во водата. Нуркачи од САЕ „Тигар“ се вклучиле во потрагата.
Случајот бил пријавен на 8 август во 12.33 часот. Драмата се случувала кај брегот во ресенското село Сливница.
Двајца рибари прво излегле од езерото. Тие кажале дека во чамецот останале уште 2 лица.
Едниот рибар околу 12.20 часот скокнал во водата. Според пријавата, сакал да ги земе веслата што му паднале.
Но, не излегол од езерото.
Другиот 71-годишен рибар останал сам во чамецот. Ветерот почнал да го носи кон Крани.
Чамецот во еден момент бил околу 1.000 метри од брегот.
Полициски службеници пристигнале на местото и го затекнале Б.Ј. (71) од Скопје. Тој им кажал дека М.М. (71), исто така од Скопје, скокнал од чамецот и не се вратил.
Полициски службеници и специјализирана нуркачка екипа од САЕ „Тигар“ преземаат мерки за негово пронаоѓање.