СЕВЕРНА КОРЕЈА ЌЕ ГИ ЗАЈАКНЕ НУКЛЕАРНИТЕ СИЛИ Го обвини Вашингтон за непријателска политика
Портпаролот на севернокорејското МНР го обвини Вашингтон дека продолжува со својата конфронтациска политика со тоа што повикува на „целосна денуклеаризација“ на Северна Кореја, го критикува нејзиниот однос кон човековите права и одржува заеднички воени вежби со Јужна Кореја и Јапонија.
Северна Кореја денеска оцени дека непријателската политика на САД останува непроменета и вети дека ќе продолжи да ги зајакнува своите нуклеарни сили, отфрлајќи ги повторените повици на Вашингтон за денуклеаризација.
Во изјава цитирана од државната агенција КЦНА, портпаролот на севернокорејското Министерство за надворешни работи го обвини Вашингтон дека продолжува со својата конфронтациска политика со тоа што повикува на „целосна денуклеаризација“ на Северна Кореја, го критикува нејзиниот однос кон човековите права и одржува заеднички воени вежби со Јужна Кореја и Јапонија.
– Администрацијата на претседатекот Доналд Трамп со тоа целосно ја потврдува својата непоколеблива непријателска политика, која е насочена единствено кон поткопување на суверенитетот, политичкиот систем и безбедносните интереси на ДНРК – изјави портпаролот на севернокорејското МНР.
Тој додаде дека нуклеарното оружје на Северна Кореја „обезбедува апсолутна гаранција за заштита на нејзиниот суверенитет“ и дека нуклеарниот статус на земјата нема да биде ослабен по повторените барања на САД за денуклеаризација.
Портпаролот, исто така, рече дека очекувањето за какво било ублажување на тензиите во регионот е „глупост“.
– Нема никаква промена во политиката на Северна Кореја кон САД – додаде тој.
Коментарите доаѓаат откако Трамп претходно овој месец нареди големо намалување на обемот на годишните заеднички воени вежби со Јужна Кореја.
Трамп рече дека има „многу добри односи“ со севернокорејскиот лидер Ким Џонг Ун, додавајќи дека вежбите биле скапи и испратиле непотребно непријателски сигнал до Пјонгјанг.
Американскиот претседател се надева на нова средба со Ким Џонг Ун. Двајцата досега се сретнаа двапати, во 2018 и во 2019 година.
И покрај намалувањето на вежбите, влијателната сестра на Ким Џонг Ун, Ким Јо Џонг, овој месец изјави дека тие остануваат провокативни и агресивни.
Во меѓувреме, САД, Јужна Кореја и Јапонија планираат да ја одржат заедничката вежба „Сечило на слободата“ од 7 до 11 септември, која има цел да ја подобри координацијата меѓу нив против заканите од нуклеарно оружје и ракети, соопшти јужнокорејската војска.
Северна Кореја постојано ги осудува трилатералните вежби како закана за регионалната безбедност.