ГЛАСНАТА ТИШИНА – ПАНЕЛ ДИСКУСИЈА ЗА СЕМЕЈНО НАСИЛСТВО ВО СЕМЕЈСТВА ВО КОИ ЖИВЕЕ ЛИЦЕ СО АУТИЗАМ За некои нешта мора да почнеме да зборуваме гласно
На 3.септември во Битола ќе се одржи панел-дискусија под наслов „Гласната тишина“, посветена на семејното насилство во семејства во кои живее лице со аутистичен спектар. Настанот има за цел да отвори разговор за тема за која сè уште недоволно се зборува
Здружението на психолози за стручна и морална поддршка на деца и возрасни „Рилука“ – Битола на 3 септември, со почеток во 18 часот, во кино „Манаки“, организира панел-дискусија под наслов „Гласната тишина“, посветена на семејното насилство во семејства во кои живее лице со аутистичен спектар.
Настанот има за цел да отвори професионален и јавен разговор за тема за која сè уште недоволно се зборува – како хроничниот стрес, исцрпеноста, комплексните потреби на лицето со аутистичен спектар, емоционалниот и финансискиот товар и недостатокот од навремена поддршка можат да влијаат врз семејната динамика и да го зголемат ризикот од семејна криза.
Аутизмот не е причина за насилство, ниту насилството може да се оправда. Но, разбирањето на контекстот во кој настанува семејната криза е важно за нејзина навремена превенција и интервенција.
Вечерта ќе започне со проекција на краткометражен филм, реализиран за потребите на „Рилука“, кој ја обработува семејната динамика во дом каде живее лице со аутистичен спектар, последиците од насилството и влијанието врз сите членови на семејството.