ПРОДОЛЖУВА ИСТРАЖНАТА ПОСТАПКА ЗА МАЗУТОТ ОД ТЕЦ НЕГОТИНО Вишото јавно обвинителство ја укина наредбата за нејзино запирање
Констатирајќи слабости во вештачењата на кои јавниот обвинител од ОЈО ГОКК ја темелел својата одлука да ја запре истрагата, Вишото јавно обвинителство Скопје побара да продолжи постапката и даде дополнителни насоки за постапување.
Надлежен јавен обвинител од Вишото јавно обвинителство Скопје донесе Решение со кое го уважи приговорот на АД Електрани на Северна Македонија против Наредбата за запирање на истрага за кривични дела – Злоупотреба на постапка за јавен повик, доделување договор за јавна набавка или јавно-приватно партнерство, како и Перење пари, против вкупно 13 физички и едно правно лице, а поврзано со набавките на мазут за ТЕЦ Неготино.
Со одлуката, Вишото јавно обвинителство Скопје го задолжи Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција да ја продолжи постапката, при што на надлежниот обвинител во прв степен му се дадени и дополнителни насоки за постапување.
Констатирајќи слабости во изготвените вештачења на кои јавниот обвинител од ОЈО ГОКК ја темелел својата одлука да ја запре истрагата, Вишото јавно обвинителство Скопје побара да продолжи постапката во насока на утврдување на сите поединечни дејствија на осомничените, особено дали и кој презел директни дејствија или дејствија на помагање со кои правното лице ЕСМ, преку злоупотреба на наменски доделени средства од државниот буџет, а под превез на користење на повластена законска основа од член 23 од Законот за јавни набавки, овозможиле имотна корист од големи размери за еден од осомничените и неговото правно лице.
Вишото јавно обвинителство Скопје го задолжи ОЈО ГОКК да прибере и анализира повеќе податоци од неколку други институции, како и да нареди нови вештачења со цел прецизно испитување на сите околности и утврдување евентуална кривична одговорност.
На 12 мај годинава, обвинителката Катерина Коларевиќ, по 14 месеци истрага, ја затвори истрагата за набавките на мазут за ТЕЦ „Неготино“ во периодот на енергетската криза од 2021 до 2023 година, предмет кој тежи 167 милиони евра. Објаснувајќи ја одлуката, таа рече дека државата немала никаква штета од набавките на мазут за термоелектраната, туку само корист. Во спротивно, посочи, ќе сме имале големи рестрикции на струја.
Во фокусот на истрагата е фирмата РКМ која го добила тендерот и нејзините сопственици Ратко Капушевски и Ерџан Сулкоски. Меѓу осомничените беше и сопственикот на Пуцко Петрол, Асмир Јахоски, син на пратеникот Исмаил Јахоски. Во истрагата беше опфатен и екс директорот на ЕСМ, Васко Ковачевски кој е во бегство и се бара со меѓународна потерница за случајот Адитив. Опфатен беше и уште еден поранешен директор на ЕСМ, Адријан Муча, односно, вкупно 13 лица, од кои дел беа и во притвор.
Во меѓувреме, премиерот Хгристијан Мицкоцвски изјави дека е шокиран од ваквата одлука на обвинителството за гонење организиран криминал и корупција, што го води Ислам Абази, и рече дека разговарал со државниот јавен обвинител Ненад Савески. Тој изрази надеж дека, по поднесената жалба на ЕСМ, случајот ќе биде вратен на преразгледување и повторна анализа.
Министерор за внатрешни работи Панче Тошковски исто така изрази шокираност и разочарување од одлуката на ОЈО ГОКК да ја прекине истрагата за случајот „мазут за ТЕЦ Неготино.
– Во никој случај не смее да има тивок обид на затворање на една ваква постапка од страна на Обвинителството. Ова е огромно разочарување особено за целиот тим на МВР кој работеше на случајот – рече министерот Тошковски во интервју за Канал 5.