📷 ИГРАОРЕЦ КЛЕКНА НА СЦЕНА И ЈА ПОБАРА ЗА ЖЕНА ДОЛГОГОДИШНАТА ДЕВОЈКА „Нека ова „да“ биде почеток на едно долго заедничко оро низ животот“
Фестивалот „Илинденски денови“, Битола, се пофали на социјалните мрежи со несекојдневниот настан и им посака на младите играорци ова „да“ да им биде почеток на едно долго заедничко оро низ животот
– И љубовта е дел од традицијата Има вечери кога фолклорот не се памети само по песната, играта и носиите. Се памети и по моментите што засекогаш го менуваат нечиј живот.
По настапот на Фолклорниот ансамбл „Битола“, на сцената на 56. издание на „Илинденски денови“ се случи едно од најнеочекуваните и најемотивните изненадувања на фестивалот.
Пејачот и игроорец Никола Зацески, пред бројната публика, клекна на колено и ја побара за жена својата долгогодишна љубов Наталија Цветкова.
Облечени во македонска народна носија, тие создадоа слика што совршено го спои она што фестивалот го слави веќе 56 години – традицијата, припадноста и човечките вредности што се пренесуваат од генерација на генерација.
Аплаузите, насмевките и солзите радосници на нивните колеги од ансамблот и на публиката го претворија овој миг во уште еден незаборавен спомен од годинашното издание на „Илинденски денови“ – пишува на Фејсбук страницата на фестивалот.
Тие, на младите Никола и Наталија им посакуваат заедничкиот живот да им биде исполнет со истата љубов, почит и заедништво што таа вечер ги почувствуваа сите.
– Нека ова „да“ биде почеток на едно долго заедничко оро низ животот – напишаа тие.