🎥 СЕВЕРИНА ГИ ПОВИКА ХРВАТИТЕ ДА ИЗЛЕЗАТ НА ПРОТЕСТ „Нема идеологија во загадувањето и криминалот“
Пејачката застана зад протестот „Чекори за Лика, чекори за Хрватска“, кој на 5 септември ќе се одржи во Загреб поради скандалот со незаконското складирање опасен отпад.
Северина јавно ги повика граѓаните да се приклучат на големиот протест „Hodaj za Liku, hodaj za Hrvatsku“, кој на 5 септември ќе се одржи во Загреб. Пејачката најпрво го упати повикот од сцената за време на концертот во Карловац, а потоа објави и подолга порака на Инстаграм.
Протестот го организира граѓанската иницијатива „Gospić je naš dom“, а главната причина е скандалот со незаконското складирање и закопување на големи количества отпад во Лика. Организаторите бараат одговорност, итна и стручна санација на загадените локации и заштита на здравјето на луѓето, почвата и подземните води.
Северина во својата порака порача дека загадувањето, болестите и корупцијата не се прашања што припаѓаат на една политичка идеологија.
– На 5 септември Хрватска чекори за Госпиќ. Смртта, болеста и корупцијата ги погодуваат сите и немаат идеолошки предзнак – порача пејачката, повикувајќи ги на протест и оние со кои вообичаено можеби немаат исти политички ставови.
Таа ги повика и бранителите, и верниците кои учествуваат во јавни молитви, нагласувајќи дека протестот не треба да биде поделба според идеологија, туку заедничка реакција на проблемот со загадувањето.
– Ако Хрватска навистина е над сите, да го докажеме тоа со дела, а не со зборови. Се гледаме – порача Северина.
View this post on Instagram
Нејзината порака предизвика внимание и поради острите зборови кон оние кои се против протестот. Северина порача дека таквите луѓе, според неа, или се блиски со оние кои го истурале отпадот, или зависат од власта, или „едноставно се глупави“.
На протестот се очекува присуство на голем број јавни личности. Поддршка досега дале повеќе од 200 познати личности и организации, меѓу кои и актерот и режисер Раде Шербеџија, а протестот е замислен како граѓански собир без партиски говори.
Собирањето во Загреб е закажано за 11 часот пред Главната железничка станица, по што учесниците ќе се упатат кон плоштадот „Бан Јосип Јелачиќ“, каде што главниот дел од протестот треба да започне напладне.