СЕРИОЗНА КРИЗА ИЗБУВНА ВО ИНДИЈА Партијата на бубашвабите ги дигна студентите на големи протести
Младите Индијци бараат оставка од министерот за образование поради протекувањето на испитните прашања, што влијаеше на околу 2 милиони студенти и беше поврзано со неколку самоубиства.
Индискиот премиер Нарендра Моди изјави дека ќе бидат формирани „брзи судови“ за да се гонат одговорните за мамење на студентските испити, што е неговиот прв јавен одговор, по повеќедневните протести на младите Индијци кои бараат оставка од министерот за образование.
Коментарите на Моди дојдоа неколку часа откако демонстрантите накратко се судрија со полицијата на улиците на Њу Делхи доцна во средата, при што полицијата употреби солзавец и палки за да ги растера.
Протестите станаа најголемиот предизвик за Моди откако дојде на власт во 2014 година, откако опозициските партии ги повторија барањата на младинското движење и ја прекинаа парламентарната седница што започна оваа недела. Ова е, исто така, најголемата политичка криза во неговиот трет мандат, кој започна во 2024 година.
„Ништо не е поважно од благосостојбата и иднината на нашите млади!“ објави Моди на платформата Икс.
Одлучивме да формираме брзи судови за да обезбедиме брза и строга казна за оние кои се вклучени во мамење на испити, додаде тој.
„Ова е продолжение на нашата серија чекори за заштита на интересите на студентите. Оние кои се обидуваат да ја нарушат иднината на нашата младина нема да бидат поштедени“, додаде Моди.
Судовите за брза постапка се специјални тела дизајнирани брзо да решаваат одредени случаи и да го заобиколат преоптовареното судство на Индија, во кое понекогаш требаат години за да се заврши постапка. Ваквите специјални судови беа формирани за гонење на сексуални злосторства против жени и деца, тероризам, перење пари и за злоупотреба на законодавците.
Сатиричната Партија на бубашвабите (ЦJП) минатиот месец почна протести во Индија поради протекувањето на испитните прашања, што влијаеше на околу 2 милиони студенти и беше поврзано со неколку самоубиства.
Партијата денеска одговори на објавата на Моди, велејќи дека „министерот за образование Дармендра Прадан мора да поднесе оставка“.
Лидерот на главната опозициска партија Конгрес, Рахул Ганди, исто така одговори дека премиерот Моди е оној кој направил најголема штета на иднината на младите во Индија.
– Вие дозволивте и охрабривте целосно заробување и уништување на нашиот образовен систем и ги заштитивте сите одговорни за тоа – рече Ганди.
Тој повтори дека Прадан треба да биде отстранет, дека Моди треба да им се извини на студентите и дека оние што ги нападнаа студентите треба да бидат казнети.
Се проценува дека околу 10.000 луѓе се собраа на протестот во Њу Делхи доцна во средата, објавија локалните медиуми, а лидерите на Партијата на бубашвабите ветија дека ќе продолжат со протестите сè додека Прадан не поднесе оставка.
Некои демонстранти вчера фрлаа камења и пластични шишиња врз полицијатаа, при што беа повредени неколку полицајци кои беа однесени во болница, соопшти полицијата во Делхи.
Во понеделникот десетици илјади демонстранти маршираа кон Парламентот, при што се судирија со полицијата на некои места, која се обиде да ги растера со солзавец и со палки.
Протестите на ЦЈП започнаа како онлајн сатира и вклучуваа само неколку стотици млади кога првпат беа лансирани.
Компанијата ДМРЦ, која управува со градското метро, денеска соопшти дека затвора 16 станици во и околу центарот на Њу Делхи до понатамошно известување, што е второ големо затворање оваа недела од безбедносни причини.
Одговарајќи на продолжениот притисок од демонстрантите, владата на Моди разговараше со лидерите на Бубашвабите и ги увери дека нивните барања ќе бидат разгледани. Владата, исто така, понуди да разговара за прашањата во парламентот и да иницира реформи на системот за полагање испити.