САШО КЛЕКОВСКИ Е НОВИОТ МИНИСТЕР ЗА ЗДРАВСТВО Шасивари во Правда, Перински во ФЗОМ, Стоиљковиќ во Локална самоуправа
Во најавената реконструкција на Владата на премиерот Христијан Мицкоски, ВМРО-ДПМНЕ ќе ги земе ресорите Здравство и Социјална политика, труд и млади.
Директорот на Фондот за здравствено осигурување Сашо Клековски ќе биде новиот министер за здравство. Неговото место на чело на ФЗО ќе го заземе актуелниот министер за локална самоуправа Златко Перински, а со Министереството за локална самоуправа ќе раководи досегашниот вицепремиер и министер за односи меѓу заедниците, Иван Стоиљковиќ. Со Министерството за односи меѓу заедниците ќе раководи човек од Вреди.
Во најавената реконструкција на Владата на премиерот Христијан Мицкоски, ВМРО-ДПМНЕ ќе ги земе ресорите Здравство и Социјална политика, труд и млади.
Кадри од Вреди ќе станат министри во Министерството за правда, од каде ќе замине Игор Филков од ЗНАМ, во Министерството за односи меѓу заедниците и во Министерството за култура и туризам, од каде ќе замине Зоран Љутков од ВМРО-ДПМНЕ.
Партијата ЗНАМ ќе го добие Министерството за земјоделство, водостопанство и шумарство, кое досега го раководеше Цветан Трипуновски од ВМРО-ДПМНЕ.
Министерско место без ресор се очекува да добие Демократската партија на Турците, а Шабан Салиу веќе нема да биде министер без ресор задолжен за интеграција и имплементација на Стратегијата за инклузија на Ромите 2022-2030.
На чело на Министерството за социјална политика, демографија и млади ќе застане актуелниот заменик во овој ресор, Ѓоко Велковски на местото на Фатмир Лимани од Вреди.
Според информациите, со Министерството за правда ќе раководи универзитетскиот професор Јетон Шасивари, а со Министерството за култура Седат Сулејмани, кој досега ја извршуваше функцијата заменик-министер. Беким Сали останува министер за европски прашања.
На чело на Министерството за земјоделство ќе биде Борче Серафимовски од ЗНАМ, кој е актуелен државен секретар министерството.
Формализирање на политичкиот договор на лидерите се очекува прво преку одлуки на надлежните партиски тела. Потоа ќе биде доставен предлогот од премиерот до Собранието.
ВМРО-ДПМНЕ вечерва ќе одржи седница на Извршниот комитет.