САМО ДЕНЕСКА ВО ЗАТВОР СЕ ОДЗЕМЕНИ 70 МОБИЛНИ ТЕЛЕФОНИ Пандов вели дека за 100 полициски службеници се водат дисциплински постапки
Директорот на Управата за извршување санкции тврди дека во затворскиот систем е најголемата корупција.
Суспендиран е затворскиот полицаец, којшто го пренел телефонот до Васил Јованов во притворското одделение во Шутка, но истрагата нема да заврши тука, уверува директорот на Управата за извршување санкции, Александар Пандов во интервју за вечерашната „Топ тема“.
Според него, јасно е дека во шемите се вклучени повеќе лица.
Според Пандов, сега се прават пет пати повеќе претреси од претходно и за разлика од порано кога, како што рече, при претресите се наоѓале само два-три расипани телефони, сега наоѓаат и 70 во еден ден, колку што денеска откриле 15 луѓе од интервентната единица од „Идризово’ претресувајќи 40 ќелии во затворот „Скопје“ (Шутка) каде што има 270 притвореници.
– Тврдам дека во најголем дел се внесени од тие затворски полицајци коишто и ден-денес таму уште работат…Тврдам дека во затворскиот систем е најголемата корупција. 32 постапки се водат во обвинителство, при тоа има заповедници во овие 32, има командири, од секаков калибар вработени. Над 100 дисциплински постапки се покренати во овој период – рече Пандов.
Тој потврди дека на возачот кој ја прегази Фросина Кулакова му е одземен мобилниот телефон кој, како што рече, му бил однесен во кутија колачи во ќелијата.
– Затворскиот полицаец што ја однел кутијата без да ја провери, е суспендиран. Од другата ќелија рекле дека на некој во ќелијата на Васил Јованов му паднал шеќерот, нешто во што никој не верува затоа што тоа се стари шеми – истакна Пандов.
Главното решение, според него, е оформување на две интервентни единици кои не се поврзани со овие затвори.
– Неопходни се нови вработувања. Во дадениов случај ве уверувам дека без тие нови вработени реално многу тешко се работи, кај Утковски во Шутка на дневна основа од затворот Куманово и затворот Штип доаѓаат околу 15 затворски полицајци кои се на испомош затоа што бројката е под минимумот – рече директорот на Управата за извршување санкции.
Пандов кажа дека во минатото имало вработени затворски чувари кои порано биле затвореници и рече дека во изминатите седум месеци најмалку 20 затворски полицајци се избркани од работа и „тој процес нема да прекине“.
– Не се сите такви, запознав и многу чесни луѓе, патриоти, кои си ја саат работата, и за жал, знам и голем дел на луѓе на кои не им е местото таму – додаде Пандов.