🎥 РЕКОВТЕ ВО ЕВРОПА ЌЕ ЗБОРУВАЛЕ ГЕРМАНСКИ БЕЗ САД, АМА АМЕРИКАНЦИТЕ ЌЕ ЗБОРУВАА ФРАНЦУСКИ АКО НЕ БЕА БРИТАНЦИТЕ Кралот Чарлс редеше шеги при здравицата во Белата куќа

И покрај тензиите меѓу Лондон и Вашингтон околу војната со Иран, атмосферата на вечерата беше срдечна, при што британскиот крал Чарлс и американскиот претседател Доналд Трамп го нагласија „посебниот однос“ меѓу нивните земји.

1

Ако не бевме ние (Британците), вие денеска ќе зборувавте француски, му рече британскиот крал Чарлс III на американскиот претседател Доналд Трамп. Кралот, алудирајќи на колонијалното минато на Америка, на хумористичен начин за време на државната вечера во Белата куќа одговори на претходните забелешки на претседателот Трамп дека без американската помош во Втората светска војна, Европејците денес ќе зборуваа германски.

За време на здравицата на гала вечерата, кралот Чарлс се осврна на коментарите на Трамп од самитот во Давос во јануари, кога американскиот претседател ги обвини европските сојузници дека се потпираат на американската воена помош од Втората светска војна.

– Господине претседателе, неодамна забележавте дека без САД, европските земји ќе зборуваат германски. Би се осмелил да додадам дека ако не бевме ние, вие ќе зборувавте француски – рече Чарлс.

Изјавата предизвика громогласна смеа меѓу присутните.

Забелешката на Чарлс се однесува на историското соперништво меѓу британските и француските колонијални сили кои се бореа за доминација на северноамериканскиот континент пред САД да прогласат независност пред 250 години.

И покрај тензиите меѓу Лондон и Вашингтон околу војната со Иран, атмосферата на вечерата беше срдечна, при што двајцата лидери го нагласија „посебниот однос“ меѓу нивните земји. Чарлс продолжи со хумористичен тон, коментирајќи ја обемната реконструкција на Источното крило на Белата куќа, каде што Трамп, поранешен магнат за недвижности, изгради огромна сала за балови вредна 400 милиони долари.

– Морам да напоменам дека ние Британците, исто така, се обидовме со еден вид реконструкција на Белата куќа во 1814 година – рече кралот, потсетувајќи се на инцидент кога британските војници ја запалија зградата.

Тој додаде дека вечерата била „огромно подобрување во однос на Бостонската чајанка“, осврнувајќи се на протестот од 1773 година во кој американските колонисти фрлаа британски чај во морето поради даноци.

Трамп, чија мајка е од шкотско потекло и за која е познато дека е обожавател на британското кралско семејство, ги насочи повеќето од своите шеги кон домашната политика.

– Сакам да му честитам на Чарлс за фантастичниот говор во Конгресот. Тој успеа да ги натера демократите да станат, што јас никогаш не можев – рече Трамп.

Кралот ја искористи посетата и за да подари подарок, што се толкува како дел од дипломатската офанзива на Велика Британија, откако Трамп остро го критикуваше премиерот Кир Стармер за одбивањето да помогне во конфликтот со Иран.

Чарлс му подари на претседателот ѕвонче од британската подморница ХМС Трамп, лансирана во 1944 година.

– Нека ова ѕвонче биде сведоштво за заедничката историја и светлата иднина на нашите народи. И ако некогаш ви требаме, само заѕвонете на ѕвончето – рече кралот, на што доби аплауз од присутните.

 

Поврзани содржини