🎥 РЕКЕТОТ БРОЈ 2 ГО ПОДДРЖА ТЕНИСКИОТ РЕКЕТ БРОЈ 1 Ден Дончев се јави, навистина се јави, директно од Австралија Опен

3,745

Со куса објава на Фејбук, со текст „единствениот Новак Ѓоковиќ“ и со видеа од мечот на Новак Ѓоковиќ, поранешниот директор на Фондот за здравство, Ден Дончев, потсети дека е жив, здрав и во добро расположение.






Ден Дончев исчезна од Македонија некаде кон крајот на јуни 2020 година. Пред тоа, на 5 мај, тој поднесе неотповиклива оставка од својата функција, наводно од здравствени и семејни причини. Владата на Зоран Заев експресно ја прифати оставката.

Како што е познато, во текот на раководењето со Фондот за здравство, Плусинфо ја отвори аферата „Рекет 2“, обвинувајќи ги него и тогашниот министер за здравство Венко Филипче за обид да ја попречат продажбата на компанијата „Диамед“ на скопјанката Вера Иванова на странскиот инвеститор „Диаверум“ од Шведска, со што сториле кривично дело злоупотреба на службена положба и овластување според член 353 од Кривичниот законик.

Дончев се обиде да го демантира ова и најави дека зделката меѓу сопственичката на „Диамед“ и шведската компанија „Диаверум“ е под истрага. Во меѓувреме, беа објавени наводи дека Ден Дончев ја рекетирал сопственичката Иванова, а на профилот „Лепливи прсти“ на Јутјуб се објави видео снимка од која се гледа како Дончев става купче пари во торба.

По жестокиот притисок на опозицијата да се поведе истрага за Ден Дончев во врска со оваа афера, но и за еден друг скандал, кон крајот на јуни обвинителката Вилма Русковска изјави дека се води истрага за поранешниот директор на Фондот за здравствено осигурување, но додаде дека не знае дали тој е во Македонија.

Од тој момент стана јасно дека Дончев ја напуштил земјата.

Во меѓувреме, сопственичката на „Диамед“ Вера Иванова беше обвинета и судена за наводна злоупотреба на службена должност и перење пари во зделката до шведски „Диаверум“. Инсталациите на Зоран Заев во правосудството ги употребија сите алатки и моќи да ја осудат Иванова, но процесот во декември минатата година конечно заврши со конечна и правосилна ослободителна пресуда од Апелацискиот суд.

Со овој судски процес, со кој требаше да биде покриена аферата „Рекет 2“ и замешателството на повеќе лица, меѓу кои и Зоран Милевски Кичеец, Ден Дончев, Венко Филипче и Зоран Заев, се нанесени големи штети, за кои допрва ќе се водат судски постапки.

Како и да е, ништо од тоа нема да го засегне Ден Дончев. Рекетот број 2 спокојно и во добро расположение навива за тенискиот рекет број 1 и од Мелбурн и ѝ се потсмева на цела Македонија. Ужива и неговиот соселанец од Муртино, Зоран Заев, за кој се зборува дека веќе е граѓанин на Дубаи. Но, тука е Венко Филипче, сега претседател на опозицискиот СДСМ.

Така што, кој ќе се смее последен, тоа допрва ќе се види…

Поврзани содржини