РЕГИОНОТ СОЧУВСТВУВА СО СЕМЕЈСТВАТА НА НАСТРАДАНИТЕ ВО КОЧАНИ Ден на жалост во Србија, Бугарија и во Босна и Херцеговина
Вчера во Црна Гора имаше ден на жалост по повод трагедијата во Кочани во која животот го загубија 59 млади, а повеќе од 150 се повредени.
Во земјава и денеска е ден на жалост за настраданите во несреќата во Кочани. За време на седумдневната жалост што ја прогласи Владата, знамињата се на половина копје, откажани се сите музички, забавни активности и настаните во установите од областа на културата, а прилагодена е и програмата на медиумите.
Отворени се книги на жалост во Собранието, во МНР и во македонските амбасади низ светот.
Во знак на сочувство за настраданите во пожарот во Кочани во кој животот го загубија 59 млади лица, а повеќе 150 се повредени и хоспитализирани, денеска ден на жалост прогласија Србија, Бугарија, Босна и Херцеговина, а вчера и Црна Гора.
Српската Влада, на предлог на претседателот Александар Вучиќ, го прогласи 18 март за ден на жалост. Во Србија на лекување се испратени и дел од поврeдените во Кочани. Нив вчера ги посети претседателот Вучиќ, кој кажа дека во здравствените установи во Србија ќе бидат згрижени вкупно 29 повредени лица.
И бугарската Влада на вонредна седница донесе одлука денеска да биде ден на жалост во знак на солидарност со Северна Македонија. Премиерот Росен Жељазков изрази сочувство до семејствата на загинатите и надеж за успешно закрепнување на повредените. Тој информира дека во моментов во Бугарија се лекуваат 14 македонски државјани во болници во Софија, Пловдив и Варна. Искажа подготвеност за прием и на други повредени доколку има потреба.
Жељазков додаде дека трагедијата ги надминува секојдневните политички и општествени разлики.
– Во вакви тешки моменти, човечките чувства и солидарност доаѓаат до израз. Верувам дека нашите народи ќе ги остават настрана дневните предизвици и ќе бидат единствени во овој ден – изјави вчера премиерот на Бугарија.
Ден на жалост денеска е и во Федерацијата Босна и Херцеговина, а во текот на вчерашниот ден и во Црна Гора.