РЕБАЛАНСОТ НА БУЏЕТОТ НОСИ ПОВЕЌЕ ПАРИ ЗА ПАТИШТА, УЧИЛИШТА И ЗА ДРУГИ ИНФРАСТРУКТУРНИ ПРОЕКТИ Стојановски тврди дека ребалансот носи развој на земјата
Пратеникот вели дека овој Ребаланс треба да се оценува не само според тоа колку средства се планираат, туку според тоа што ќе се изгради и што ќе се подобри со нив.
Ребалансот на Буџетот за 2026 година носи повеќе пари за капитални инвестиции и за развојни проекти, изјави на денешната прес-конференција пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Бојан Стојановски.
Според него, Буџет не е документ на паника и не е отстапување од економската политика. Тој е навремено приспособување на Буџетот кон реалните економски движења и кон потребите на граѓаните, општините и стопанството.
-Вкупните приходи се зголемуваат за 4,57 милијарди денари, или 1,2% и достигнуваат 379,5 милијарди денари. Вкупните расходи се зголемуваат за 11,6 милијарди денари, или 2,8%. Да, дефицитот се зголемува и изнесува 4,1% од БДП. Но клучно прашање не е само колкав е дефицитот, туку за што се користи дополнителниот фискален простор. Одговорот е многу јасен. Капиталните расходи се зголемуваат за 5,81 милијарди денари, односно за 14,5%. Развојните потпрограми растат за 4,22 милијарди денари и достигнуваат повеќе од 41 милијарда денари. Тоа се средства за патишта, железница, водоводи, канализации, училишта, здравствени објекти, животна средина и локална инфраструктура. Тоа се инвестиции што создаваат работа денес, а вредност за граѓаните во годините што следуваат – рече Стојановски.
Тој тврди дека приходната страна ма Буџетот, не се гради врз нереални очекувања.
-Приходите растат систематски,,системски, пресметано и создаваат поголема вредност во економијата. Се крати таму каде што нема доволен приоритет, а се зголемува таму каде што има економски, развоен и општествен ефект. Затоа, кога опозицијата ќе зборува само за една бројка, ние ќе зборуваме за целата слика. Зборуваме за структурата на расходите, за проектите и за придобивките кои што треба да ги почувствуваат граѓаните – рече тој.
Стојановски вели дека овој Ребаланс треба да се оценува не само според тоа колку средства се планираат, туку според тоа што ќе се изгради и што ќе се подобри со нив.
-Тоа е разликата помеѓу непродуктивна потрошувачка и развојна политика – рече тој.