ПРИВЕДЕНИ СОПРУГАТА И ЌЕРКАТА НА ГАЗДА ДЕКО Кој ја зел фалц лиценцата од Министерството за економија?
Премиерот Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарски прашања, изјави дека случајот ќе се проширува и дека ќе биде опфатен секој за кого има и најмал сомнеж за поврзаност со истрагата.
Синоќа, припадници на Министерството за внатрешни работи спроведоа координирана акција при што беа приведени сопругата и ќерката на газдата на дискотеката „Пулс“, Дејан Јованов – Деко, дознава Плусинфо.
Според информациите до кои дојдовме, двете сѐ уште се наоѓаат во полициската станица во Кочани. При приведувањето, на нив им биле одземени пет мобилни телефони.
Неофицијално, спорната фалсификувана лиценца од Министерството за економија ја земала ќерката на газда Деко.
Во врска со истрагата за трагичниот пожар во Кочани, Основното јавно обвинителство потврди дека во текот на вчерашниот ден и денеска истражните тимови на Јавното обвинителство и Министерството за внатрешни работи координирано преземаат дејствија за обезбедување докази.
„Извршени се претреси на пет локации во Кочани и во Скопје, при кои се одземени дополнителни електронски уреди и други докази за кои се издадени наредби за вештачење. Извршени се и распити на лица кои би можеле да имаат определени сознанија“, информираат од Обвинителството.
Во текот на денот, Јавното обвинителство ќе издаде наредба и до Управата за финансиска полиција за преземање определени дејствија поврзани со материјалното работење на повеќе правни субјекти, како и за осомничените и други лица.
Премиерот Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарски прашања, изјави дека случајот ќе се проширува и дека ќе биде опфатен секој за кого има и најмал сомнеж за поврзаност со истрагата.
Како што Плусинфо претходно објави, рано утрово беше извршен претрес во објект во сопственост на газдата на дискотеката „Пулс“, Дејан Јованов – Деко.
Дејан Јованов – Деко, кој моментално се наоѓа во притвор, беше закупец на дискотеката „Пулс“, каде што во пожарот животот го загубија 59 млади лица. Освен тоа, тој го управуваше и кафулето „Класик“ во трговскиот центар во Кочани, како и подружницата на „Карго експрес“ за Кочани и Виница.