ПРЕВОЗНИЦИТЕ ПРАШУВААТ ЗОШТО ЕУ ИМ ДАВА ПРОФЕСИОНАЛНИ ВИЗА САМО НА ТУРСКИТЕ ВОЗАЧИ Најавен е протест пред делегацијата на ЕУ во Скопје
Од „Макам-транс“ информираат дека протестот е дел од договорот на балканските превозници одржан на 21 август и ќе се одржи еден ден пред официјалната средба на комисијата на ЕУ која треба да понуди конечно решение на проблемот. Во исто време вакви протести ќе се одржат и во Србија, Босна и Херцеговина и во Црна Гора.
Македонските превозници најавуваат протест пред делегацијата на Европската Унија следниот понеделник за да потсетат дека се уште не е решен проблемот со ограничувањето на престојот на професионалните возачи во Шенген-зоната (90 дена во рамки на 180 дена).
Од „Макам-транс“ информираат дека протестот е дел од договорот на балканските превозници одржан на 21 август и ќе се одржи еден ден пред официјалната средба на комисијата на ЕУ која треба да понуди конечно решение на проблемот.
Од „Макам-транс“ посочуваат дека Европската Унија во изминатите седум месеци не покажала доволно волја за решавање на проблемот, иако во визната стратегија професионалните возачи се препознаени како лица кои вршат професионална дејност.
Протестот во Скопје ќе се одржи на 31 август пред седиштето на Делегацијата на Европската Унија, во периодот од 12 до 14 часот, со учество на најмалку 20 возила и поголем број превозници, возачи и други вработени од различни градови во државата.
Истиот ден и во истиот период вакви протести ќе се одржат и во Србија, Босна и Херцеговина и во Црна Гора.
Од „Макам-транс“ велат дека доколку на состанокот не биде постигнато преодно решение, се предлага нов протест на граничните премини, кој би започнал на 14 септември. За неговото одржување потребна е согласност од превозниците во секоја од земјите, како и одобрение од надлежните институции.
Според најавите, овој протест би можел да биде сличен на оној од јануари годинава и да трае подолго од 10 дена. Асоцијациите од четирите држави во моментов собираат поддршка од превозниците за неговата организација.
Во случај на протест на граничните премини, превозниците планираат да побараат да биде овозможено непречено минување на стоки од особен интерес за државата и граѓаните. Меѓу нив се наведуваат нафтата и нафтените деривати, јагленот, потребните орудија и препарати за општините и јавните претпријатија, муницијата и други стоки.
Напоредно со процесот кој го водат превозниците за решавање на проблемот и државата работи на решавање на проблемот. Во изминатиот период министерот за транспорт и врски Александар Николоски информираше дека државата самостојно се обидува да го реши проблемот со превозницитe преку билатерални договори за непречено движење на превозниците. Такви договори веќе се склучени со Хрватска, Швајцарија и Романија, а се очекува да се склучат и со Австрија, Унгарија, Германија и Словенија, со што ќе бидат покриени земјите каде што македонските превозници најчесто транзитираат.
Билјана Муратовска од „Макам-Транс“ вели дека е добро што проблемот се решава и билатерално, со секоја држава, но додава дека процесот е многу бавен, а проблемите на возачите на превозниците веќе кулминирал.
– Само да потсетам дека Хрватска, која прва донесеа измени на законот за странци пред речиси 7 месеци, уште не ги донела подзаконските акти. Што значи дека процесот уште ќе трае, а тоа не е решение за возачите на кои веќе им се пресметува колку време престојувале во Шенген зоната. Повеќето држави од средината на август ги пресметуваат деновите и кај електронската проверка се враќаат до 10 април кога преќутно беше дозволено возачите да престојуваат во зоната. Се бројат и печатите во пасошите. Тоа значи дека во септември и октомври проблемот ќе стане многу видлив бидејќи ќе има масовни застои во транспортот поради недостиг на возачи. Најголемиот дел од возачите нема да можат да возат во Шенген зоната – вели Муратовска.
Таа смета дека Европската Унија има активно решение на проблемот со издавање на професионални визи за турските возачи, но се сомнева дека Унијата се уште не сака да го примени.
– Решение Унијата има бидејќи на турските возачи им се издаваат професионали визи. Токму тоа е решение и за останатите возачи. Само треба Унијата да договори како тоа ќе го примени и за нашите возачи – вели Муратовска.