ПРЕСВРТ ВО АВТО-ИНДУСТРИЈАТА НА САД Трамп руши уште едно правило од Бајденовата ера

Претседателот на САД ќе објави нови стандарди за потрошувачка на гориво.

0

Администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп денеска ќе објави нови стандарди за потрошувачка на гориво, со кои ќе се намалат регулаторните барања за производителите на автомобили за контрола на загадувањето од возилата и лесните камиони на бензин.

Трамп пред два дена на „Трут соушл“ (Truth Social) објави дека помалку строгите барања за потрошувачката на гориво би „го елиминирале отпадот во американското производство на автомобили“ и би им заштедиле на семејствата „илјадници долари при купување нов, убав и безбеден автомобил“, а воедно би го поттикнале и производството на автомобили во САД.






Барањата за потрошувачка на гориво одредуваат колку далеку мора да поминат новите возила со еден галон, или околу 3,8 литри бензин.

Промената дополнително би го имплементирала ветувањето на Трамп да ги укине политиките што го поттикнуваа производството на електрични возила воведени за време на преседателствувањето на Џо Бајден.

За време на неговиот втор мандат, Трамп ги олесни регулативите за емисии на автомобили, ги укина казните за производителите што не ги исполнуваат федералните стандарди за потрошувачка на гориво и ги прекина даночните кредити за потрошувачите до 7.500 долари за купување електрични возила.

Министерот за транспорт Шон Дафи изјави во саботата на X дека регулаторните промени ќе бидат објавени денеска.

Администрацијата и производителите на автомобили изјавија дека новите правила ќе им овозможат на Американците подобар пристап до целиот спектар на бензински возила за кои велат дека им се потребни и можат да си ги дозволат.

Според податоците на автомобилската компанија „Кели Блу Бук“ (Kelley Blue Book), проценетиот нов автомобил во САД бил продаден за 50.089 долари во август, додека Американците трошат повеќе пари за гориво поради војната во Иран и нарушениот глобален проток на нафта.

Поврзани содржини