БИ МИ БИЛО ЧЕСТ ДА ГО ВРАБОТАТAМ ХУАНГ Маск по најавите дека Енвидија му подготвува отказ на својот шеф

Волстрит журнал објави дека одборот на директори на Енвидија се подготвува да го отстрани Хуанг по откритијата за две наводни вонбрачни врски.

0

Елон Маск изјави дека би му било чест да го вработи Јенсен Хуанг, главниот извршен директор на Енвидија (Nvidia), на кого му се заканува отказ поради скандал поврзан со вонбрачни врски и сомневања за кинеска шпионажа.

Реакцијата на Маск дојде по извештаите дека одборот на директори на еден од највредните технолошки гиганти ја разгледува иднината на Хуанг во компанијата.






Предлогот потекна од финансискиот портал Zerohedge објавен на социјалната мрежа X, упатен до Маск: „Елон, те молам вработи го Јенсен“.

– Би ми било чест – одговори Маск, основач на SpaceX и извршен директор на Tesla.

Иако стануваше збор само за кратка размена на пораки, изјавата на Маск привлече внимание во време кога Хуанг се соочува со најголемата криза во неговата долга кариера.

Волстрит журнал објави дека одборот на директори на Енвидија се подготвува да го отстрани Хуанг по откритијата за две наводни вонбрачни врски.

Хуанг претходно призна дека ја изневерил својата сопруга и ја презеде одговорноста за своите постапки.

Американските медиуми ја споменуваат неговата врска со бизнисменката Алис Хуанг, позната и како Хуанг Ле, за која американските разузнавачки служби се сомневаат дека е регрутирана од кинеската разузнавачка служба, според медиумските извештаи.

Според „Њујорк тајмс“, целта на наводната операција била да се соберат информации за Хуанг. Досега не е јавно потврдено дека трговски тајни или други доверливи информации биле откриени преку Алис Хуанг. Енвидија започна внатрешна истрага за да утврди дали нејзиниот извршен директор бил цел на странска разузнавачка операција.

Ситуацијата дополнително се искомплицира од наводите од „Њујорк тајмс“ дека Хуанг имал вонбрачна врска со Кимберли Пауел, потпретседателка на Енвидија за здравство.

По новите откритија, неколку американски претставници го повикаа да поднесе оставка.

Веста за можна замена ги вознемири инвеститорите. Акциите на Енвидија паднаа за повеќе од 8% во тргувањето откако вчера се затвори американската берза.

Хуанг е еден од основачите на Енвидија, која ја разви од производител на графички процесори во водечка компанија за чипови потребни за развој на вештачка интелигенција.

Неговото заминување затоа би го отворило прашањето за наследник, во време кога компанијата е во центарот на глобалната технолошка конкуренција меѓу САД и Кина.

Поврзани содржини