СЛАВНИОТ РЕЖИСЕР СЛУЧАЈНО СЕ ЗАСТРЕЛАЛ ВО НОГАТА Мајкл Ман, познат по култниот филм со Ал Пачино и Роберт Де Ниро завршил во болница

Легендарниот американски режисер Мајкл Ман (83), познат по култниот филм „Жештина“ со Ал Пачино и Роберт Де Ниро, бил пренесен во болница откако случајно се застрелал во ногата на стрелиште во Лос Анџелес.

85

Несреќата во која легендарниот американски режисер Мајкл Ман (83) случајно се застрелал во ногата на стрелиште во Лос Анџелес, се случила на 31 октомври, околу 16 часот по локално време, во затворено стрелиште во западниот дел на градот. Според информациите што ги објави ТМЗ, Ман вежбал стрелање, а инцидентот се случил додека се обидувал да го врати пиштолот во футрола. Во тој момент оружјето ненадејно испукало и го погодило во левата натколеница.

Полицијата во Лос Анџелес потврдила дека нејзини службеници и пожарникари биле испратени на местото по пријава за пукање. По истрагата било утврдено дека станува збор за несреќен случај и дека режисерот не бил намерно повреден. Тој бил пренесен со брза помош во локална болница во стабилна состојба.






– Во саботата, на стрелиште, дошло до случајно испукување на оружје додека се наоѓало во футрола, при што режисерот Мајкл Ман се здобил со површна повреда. Му беше укажана лекарска помош и се подготвува да ја напушти болницата – соопштил неговиот претставник.

Според американските медиуми, Ман со децении се занимава со рекреативно стрелање, па затоа и околностите на несреќата предизвикаа дополнително внимание. Засега нема информации за посериозни последици од повредата.

Ман е еден од најценетите холивудски режисери, препознатлив по реалистичните криминалистички приказни, напнатата атмосфера и впечатливите сцени со оружје. Неговиот филм „Жештина“ од 1995 година, во кој Ал Пачино го игра полицискиот детектив, а Роберт Де Ниро професионалниот ограбувач, се смета за еден од најдобрите криминалистички трилери во историјата на американската кинематографија.

Меѓу неговите познати остварувања се и „Последниот Мохиканец“, „Крадец“, „Инсајдер“, „Али“ и „Колатерал“, во кој Том Круз го игра платениот убиец Винсент, а Џејми Фокс возачот на такси што се наоѓа во центарот на опасните настани.

Режисерот во моментов работи на долгоочекуваното продолжение на „Жештина“, насловено „Heat 2“. Проектот е заснован на истоимениот роман што Ман го напиша заедно со Мег Гардинер, а приказната истовремено функционира како продолжение и предисторија на оригиналниот филм. Во проектот се поврзуваат имиња како Леонардо Дикаприо, Кристијан Бејл и Стивен Греам.

Последниот долгометражен филм на Ман е „Ферари“ од 2023 година, со Адам Драјвер и Пенелопе Круз.

Поврзани содржини