ПОВЕЌЕ ОД 400 ПЕНЗИОНЕРИ И СОЦИЈАЛЦИ ПОДИГНАА ПАРИ ОД АЛТА БАНКА Славески на средба со претставници на пензионерите и директорот на Фондот за ПИОМ
Гувернерот посочи дека Народната банка работи и на создавање услови за организирање исплата на средствата преку шалтери и во други градови во земјата, со цел да им се олесни пристапот на пензионерите и примателите на социјална помош до нивните средства.
Утрово започна исплатата на средствата на граѓаните кои имаат платежни сметки во Алта банка Битола, а не располагаат со платежни картички, со посебен приоритет на пензионерите и примателите на социјална помош, информираше гувернерот на Народната банка, д-р Трајко Славески, на средбата со претседателката на Сојузот на здруженијата на пензионерите на Македонија (СЗПМ), Станка Трајкова, и директорот на Фондот на пензиското и инвалидското осигурување, Никола Мемов.
Како што информира Народна банка исплатата на средствата се одвива непречено.
-Иако за денеска преку СМС-пораки беа повикани околу 400 граѓани, на шалтерите се услужуваат и граѓаните кои немаат оставено телефонски број за контакт, а самостојно дошле да ги подигнат средствата. Согласно со утврдените ограничувања, граѓаните можат да повлечат до 20.000 денари, во рамките на максимално дозволениот износ за период од две недели – велат од Народна банка..
Гувернерот посочи дека Народната банка работи и на создавање услови за организирање исплата на средствата преку шалтери и во други градови во земјата, со цел да им се олесни пристапот на пензионерите и примателите на социјална помош до нивните средства.
– Ги разбираме загриженоста и потребата на граѓаните да располагаат со своите средства, особено кога станува збор за пензиите, платите и средствата наменети за намирување на секојдневните животни потреби. Сакам уште еднаш јасно да нагласам дека средствата на клиентите и понатаму се наоѓаат на нивните сметки во Алта банка АД Битола. Привремените ограничувања се однесуваат на начинот на располагање со средствата и се воведени со цел да се зачуваат ликвидноста и стабилноста на Банката и да се заштитат интересите на сите нејзини клиенти – истакна Славески.
Гувернерот Славески, директорот на ПИОМ, Мемов, и претседателката на СЗПМ, Трајкова, ги повикаа пензионерите да бидат спокојни дека исплатата на средствата на пензионерите и примателите на социјална помош е приоритет во активностите на Народната банка.
На средбата беше посочено дека се работи и на изнаоѓање решенија за постепено обезбедување на другите банкарски услуги во најкус можен рок.
Гувернерот Славески нагласи дека Народната банка континуирано презема активности за надминување на настанатата состојба и изнаоѓање соодветни решенија коишто ќе овозможат постепено и безбедно олеснување на располагањето со средствата на граѓаните и компаниите.