ПОРАКИТЕ НА ВУЧИЌ СТИГНАА ДО „ПОЛИМАРКЕТ“ Профили на познатата платформа за предвидување ги пренесуваат изјавите за Украина
По посетата на Володимир Зеленски на Белград, изјавите на Александар Вучиќ продолжија да кружат низ меѓународниот медиумски простор. Меѓу профилите што ги пренесоа беше и „Полимаркет Интел“.
Изјавите на претседателот на Србија Александар Вучиќ за Украина и за посетата на Володимир Зеленски на Белград стигнаа и до профилот „Полимаркет Интел“, пишува српска Политика.
Меѓу неговите пораки што се пренесуваа беше и ставот дека Србија не се откажува од традиционалните односи со Москва, но дека истовремено ја поддржува територијалната целовитост на Украина како суверена држава.
„Полимаркет“ е позната платформа за пазари на предвидувања, каде корисниците тргуваат со исходи за геополитика, економија, берзи, технологија, спорт и за други актуелни настани. Тоа е една од најпознатите платформи за пазари на предвидувања (prediction markets) во светот.
Во еден од своите објави, „Полимаркет Интел“ ја објави проценката на Вучиќ за целите на рускиот претседател Владимир Путин во Украина.
„Она во што верувам е дека тој сака да ја преземе контролата врз целиот Донбас, а потоа мислам дека ќе биде подготвен за крајот на војната. Тој сè уште треба да ја преземе целосната контрола врз Донецк и Луганск“, беа цитирани зборовите на Вучиќ во објавата.
Следната порака истакнува дел од коментарите на претседателот за можноста за воена победа над Русија.
„Не знам како можете да ја победите Русија, бидејќи верувам дека тоа нема да се случи лесно. Бидејќи, на крајот на краиштата, Русија е нуклеарна сила“.
Исто така, внимание привлече и следната изјава на српскиот претседател.
„Со месеци, до неодамна, ми кажуваа како сум ја турнал Србија во прегратката на Путин, како Србија станала руска колонија. Кога дојде Зеленски, тие не го слушаа што зборува“.
Според снимките од екранот, само една од објавите со овие пораки на Вучиќ имала околу 78.000 прегледи, додека други видеа и цитати од српскиот претседател привлекле илјадници корисници.
Средбата на Зеленски и Вучиќ беше нашироко коментирана. Лидеите зборуваат за економска соработка, евроинтеграција и за безбеносните прашања.
Изјавата пак на Зеленски дека Украина не ja менува позицијата во врска со Косово и дека нема да ја поддржи независноста на Косово доведе до бурни реакции. Во Приштина беше симнато и големо украинско знаме кое стоеше на зграда од почетокот на војната.
Дополнителна интрига беше оружјето. Пред посетата повторно се отвори прашањето за српската муниција која преку посредници наводно завршувала во Украина, тема поради која Белград претходно имаше проблеми со Москва.