ПОЛН СТАДИОН ВО САРАЕВО JA ЧЕКА МАКЕДОНИЈА Дебитанти и нова енергија кај „црвено-жолтите“

Селекторот Гоце Седлоски за овие натпревари повика 27 фудбалери, меѓу кои и петмина дебитанти – Дин Аломеровиќ, Георгије Јанкулов, Дарко Анѓелески, Дарко Додев и Азер Омерагиќ. Од составот отпадна капитенот Енис Барди поради повреда.

200

Македонската фудбалска репрезентација вечерва во Сараево ѝ гостува на Босна и Херцеговина во првиот од двата контролни натпревари, кои ќе послужат како подготовка за новиот циклус во Лигата на нации што следува наесен. По дуелот со БиХ, „црвено-жолтите“ в понеделник ќе играат и против Турција во Истанбул.

Селекторот Гоце Седлоски за овие натпревари повика 27 фудбалери, меѓу кои и петмина дебитанти – Дин Аломеровиќ, Георгије Јанкулов, Дарко Анѓелески, Дарко Додев и Азер Омерагиќ. Од составот отпадна капитенот Енис Барди поради повреда.






Седлоски истакна дека новите играчи донеле свежина во тимот и дека сите ќе добијат шанса да се докажат.

– Новите фудбалери донесоа свежина во тимот и добро беа прифатени од останатите репрезентативци. Повикав повеќе нови играчи и сите ќе добијат шанса да се докажат. Имам неколку варијанти за замена на повредениот Барди, а конечната одлука ќе ја донесам по денешниот тренинг – изјави селекторот.

Тој додаде дека е важно тимот да остави добар впечаток во дуелот со БиХ.

– Сакаме да се докажеме и тимски и резултатски. Најважно е да излеземе на терен и да одиграме најдобро што можеме. Ќе дадеме максимум, а нека победи подобриот – рече Седлоски.

Капитенската лента во отсуство на Барди ќе ја носи голманот Столе Димитриевски, кој нагласи дека овие натпревари се важна подготовка за Лигата на нации.

– Натпреварите што следуваат се најважни за нас. Босна е селекција која по стил наликува на противниците што нè очекуваат. Новите фудбалери имаат потенцијал и треба да се вклопат во тимот. Потребно е да работат и да ја заслужат шансата и за следниот циклус – изјави Димитриевски.

Натпреварот започнува во 20:30 часот на стадионот „Асим Ферхатовиќ“ во Сараево, пред полни трибини, откако билетите беа распродадени за помалку од два часа.

Поврзани содржини