ПОЛИЦАЕЦ ПУКАЛ ВО ВОЗДУХ ВО КРАТОВО Со службениот пиштол стрелал пред кафуле и на плоштад

Полицискиот службеник на 1 август во два наврати испукал повеќе куршуми во воздух – пред угостителски објект и на плоштадот во Кратово. Против него е поднесена кривична пријава, а најавена е и суспензија.

66

Полициски службеник од Одделот за специјални полициски операции пукал во воздух со службениот пиштол на две локации во Кратово, и тоа надвор од работното време. Против него е поднесена кривична пријава за предизвикување општа опасност.

Според информациите од Министерството за внатрешни работи, инцидентите се случиле на 1 август годинава. Во два наврати, пред угостителски објект и на плоштадот во Кратово, полицискиот службеник М.Н. испукал повеќе куршуми во воздух од службениот пиштол што го задолжил.






Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди при МВР поднел кривична пријава против него до Основното јавно обвинителство во Куманово, поради сомнение за сторено кривично дело „предизвикување општа опасност“ според член 288 од Кривичниот законик.

Покрај кривичната пријава, против полицискиот службеник ќе биде поведена и дисциплинска постапка за утврдување одговорност за кршење на работниот ред и дисциплина.

Од МВР најавуваат дека ќе му биде изречена и мерка суспензија, односно отстранување од работното место до завршувањето на дисциплинската постапка.

Поврзани содржини