ПОЧИНА ЏАНСЕВЕР, КРАЛИЦА НА РОМСКАТА МУЗИКА ОД МАКЕДОНИЈА Од Велес стигна до големите сцени во Турција

Само еден месец пред смртта, Џансевер Далипова го прослави својот 59. роденден и објави видео со најблиските. Ромската пејачка родена во Велес изгради кариера во Труција како изведувачка на арабеска музика, задржувајќи ја популарноста и на Балканот.

0

Почина познатата ромска пејачка Џансевер Далипова со потекло од Македонија. Џансевер ја загуби битката со тешката болест на 8 август во болница во Есен, по долга борба.

Само месец претходно, на 8 јули, го прослави 59. роденден и остави порака во која неколкупати повтори колку била среќна, пишуваат медиумите.






„Прославивме мал роденден. Самара ме изненади, ѝ благодарам, бев многу среќна, а дојдоа и моите најблиски. Беше прекрасно и бев многу среќна“, напиша Џансевер.

На снимката се слуша и нејзината песна „Ондан вер бана“.

Од роденденска насмевка до тешката вест

Џансевер кон крајот на минатата година јавно проговори за борбата со леукемијата. Таа помина и низ трансплантација на коскена срцевина, но болеста подоцна се врати.

Нејзиниот живот и претходно бил обележан со сериозни здравствени проблеми. На 12 години го загубила видот на едното око во несреќа.

Во 1994 година ѝ била дијагностицирана тешка форма на ревматизам на грбот. Поради проблемите со движењето, во 2009 година била оперирана во Германија.

 

 

View this post on Instagram

 

A post shared by Cansever (@canseverofficial)

Од Велес до „Ибо шоу“ и турската сцена

Џансевер е родена на 8 јули 1967 година во Велес. Првиот албум го издала во Македонија во 1992 година.

Големиот пресврт во кариерата дошол во 1997 година. Настапила во популарната турска емисија „Ибо шоу“ на Ибрахим Татлисес и со „Кара Чадир“ го привлекла вниманието на турската публика.

Потоа изгради успешна кариера во Турција како изведувачка на арабеска музика, задржувајќи ја популарноста и на Балканот.

Веста за нејзината смрт ја потврдија семејството и нејзиниот менаџерски тим.

Поврзани содржини