ПОЧЕСТ ЗА МУЗИЧКАТА ДИВА Селин Дион доби своја барбика инспирирана од нејзината изведба на Оскарите 1998

Куклата ја овековечува пејачката во изгледот со кој во 1998 година ја изведе „My Heart Will Go On“ на доделувањето на Оскарите. Посебен детаљ е минијатурната верзија на сината огрлица „Срцето на океанот“ од култниот филм.

10

Канадската пејачка Селин Дион доби своја кукла барбика, инспирирана од еден од најпрепознатливите моменти во нејзината кариера. Компанијата „Мател“ ја претстави колекционерската кукла од серијата Barbie Signature, која го пресоздава изгледот на пејачката од настапот на Оскарите во 1998 година, кога ја испеа незаборавната балада „My Heart Will Go On“ од филмот „Титаник“.
Куклата носи долг темносин фустан со долги ракави, сличен на оној што Дион го носеше на свеченоста, а изгледот го надополнува огрлица со син камен во форма на срце. Накитот е инспириран од „Срцето на океанот“, измислениот дијамантски ѓердан што има важна улога во филмот „Титаник“.

Токму таа комбинација од фустанот и огрлицата ја направи куклата препознатлива уште на прв поглед. Станува збор за еден од најзапаметените модни моменти на Дион, поврзан со песната што стана светски хит и освои Оскар за најдобра оригинална песна.

– Навистина ми е чест што станувам дел од наследството на Барби со кукла инспирирана од еден од најзначајните моменти во мојата кариера – изјавила Дион во соопштението. Таа додава дека се надева оти куклата ќе ги инспирира луѓето да се изразуваат со самодоверба, да ги следат своите соништа и да веруваат во моќта на сопствениот глас.
Куклата е дел од колекцијата Barbie Signature, посветена на познати личности, музичари и влијателни имиња од различни области. Меѓу музичарите што веќе добиле свои кукли се Витни Хјустон, Мајли Сајрус, Кајли Миног, Аалија, Стиви Никс, Тина Тарнер, Дејвид Боуви и Елтон Џон. Куклата на Селин Дион се продава преку платформата „Мател Криејшнс“, по цена од 60 долари.

Новото признание доаѓа во период кога Дион повторно им се врати на настапите. Во септември 2026 година започна концертна резиденција во Париз, со настапи во арената „Ла Дефанс“, што претставува важен чекор во нејзиното враќање на големата сцена.






Поврзани содржини