ПЕТ ПОЖАРИ СЕ АКТИВНИ НИЗ ЗЕМЈАВА Огнот зафати шуми кај Студеничани, Македонски Брод и во Тетовско

ЦУК информира дека до 13 часот се регистрирани 10 пожари на отворен простор. Пет се активни, два се под контрола, а три се целосно изгаснати.

0

Во периодот до 13 часот денеска во земјава се регистрирани вкупно 10 пожари на отворен простор, од кои пет се активни, два се под контрола, а три се изгаснати, информира Центарот за управување со кризи (ЦУК).

Најголем дел од активните пожари се регистрирани во шумски и ридско-планински подрачја.






Во Општина Студеничани, активен е пожарот кај селата Моране, Вртекица и Рамни Габер, каде што гори мешана шума.

Активен пожар има и во Општина Македонски Брод, на локалитетите Видуш, Драгов Дол и Локвица. Таму е зафатена ниска вегетација, нискостеблеста шума и грмушки.

Пожарот во Општина Велес, кај селото С’лп, на месноста Горно Село, се шири кон село Карабуњиште, како и кон селата Добрино и Тисовица во Општина Зелениково. Таму гори ниска вегетација, дабова и габерова шума, како и квалитетна дабова шума.

Во Тетовско, активен е пожарот кај селата Копанце и Туденце во Општина Јегуновце, како и кај село Церово во Општина Желино, со проширување кон село Бојане во Општина Сарај. Зафатена е мешана шума.

Петтиот активен пожар е во Општина Штип, во населбата Балканска, каде што гори ниска вегетација.

Под контрола се ставени два пожари.

Едниот е во Општина Кратово, кај селото Железница, на подрачје на депонија, а другиот е во Општина Делчево, на локалната депонија.

Во текот на денот се изгаснати три пожари.

Во Општина Куманово, пожарот кај селото Табановце, на месноста Сланиште, бил на ниска вегетација.

Во Општина Крушево се изгаснати два пожари. Едниот бил кај селата Алданци и Норово, каде што гореле ниска вегетација и нискостеблеста деградирана дабова шума.

Другиот пожар бил кај селата Борино и Житоше, каде што била зафатена ниска вегетација и деградирана дабова шума.

Од ЦУК продолжуваат да ги следат состојбите на теренот, особено во подрачјата каде што пожарите остануваат активни.

Поврзани содржини