ПАЛЧО ЈА ЧИСТЕЛ ЛОПАТАТА СО WD-40 ЗА ДА ИЗБРИШЕ ДНК ТРАГИ „Откако ја закопавме Вања, Палевски ладнокрвно запали цигара и отвори да види што има на интернет“, вели Манев

Детето беше во вреќата пред да го преместиме. Кога го положивме во гробот, Палевски ја извлече вреќата и ја фрли во колата на Панче. Можно е вреќата да ја држела крвта и да не дозволи да падне на местото каде што ја уби – рече Манев.

2,367

Второобвинетиот Велибор Манев денеска откри нови детали во врска со трагите по убиствата на Вања Ѓорчевска и на Панче Жежовски. Тој сведочи дека првообвинетиот Љупчо Палевски Палчо го исчистил алатот со кој била закопана Вања за да не остави свои траги на него, а потоа Влатко Кешишив го исфрлил алатот од возилото во блискиот дол. Манев тврди дека перничето низ кое било пукано во Вања било ставено во возилото на Панче и запалено заедно со „цитроенот“. Манев постојано повторува дека не знаел точно колку е часот кога се случувале нештата затоа што немал телефон, ниту часовник со себе.

– Вечерта кога повторно дојдовте во канцеларијата, кажавте дека таа вечер сум ве однел на место на настан Дупки. Каде сте виделе лозја, импровизирани соби? Кога заминавме од канцеларијата во местото Дупки? – праша Палевски.






– Не знам точно време, бевме без телефони. Знам дека нѐ однесе да го видиме импровизираното место и се вративме во канцеларија, со намера да прилегнеме и да одмориме. Затоа и се успавме во првиот обид, во четвртокот. Тргнавме подоцна и не стигнавме ни до зградата – рече Манев и додаде дека не може да се сети дали за време на нивниот состанок во партијата доаѓале други членови, дали ѕвонел телефонот на Палевски или тој вртел некому.

– За ноќта после полноќ, не можам да се сетам. Мислам и дека кога нѐ однесе во местото Дупки, го остави и неговиот телефон во канцеларија. Дента го зеде телефонот, виде дека има пропуштени повици, не знам дали е разговарано – рече Манев.

На тоа Палевски додаде дека во 12.10 часот разговарал со Миле, генерален секретар на партијата 1 минута и 40 секунди. Две минути подоцна разговарал со Ѓорѓи Џолев и со Стефан Димковски. Причината за овие разговори, според Палевски, била поднесена кривична пријава за Зоран Заев.

– Како е можно да се случи тој состанок со содржина која ја кажавте, а јас во тие 15 минути имам толку разговори? Како е можно? – праша Палевски.

– Тие разговори се правени можеби откако ние сме заминале во Велес. Не ја разбирам суштината на ова прашање. Не се сеќавам. Еве се потсетив, точно е дека разговараше со Миле. На полноќ кога дојдовме мислам дека беа присутни Плотников и Џолев. Потоа им рече на нив, ајде имаме работа. Тие заминаа, ние останавме и после 15 минути тргнавме кон Дупки – додаде Манев.

АДВОКАТОТ МАРЈАН ВИТАНОВСКИ СЕ ОТКАЖА ОД ОДБРАНАТА НА ПАЛЕВСКИ Страшевски ќе продолжи да го застапува Палчо

Џолев бил сведок на Јавното обвинилтество и според Палевски бил прашан дали на 23 ноември 2023 година се видел со обвинетите. Тој рекол дека со Влатко, Боре и со Велибор не се видел, со Палевски се видел на кратко доцна вечерта.

– До 12.30 часот трае поткастот „Крш дебата“. Како е можно, јас Џолев и Плотников да го реализираме поткастот во живо и да не ве видат вас? – праша Палевски.

– Не знам како не нѐ виделе. Јас мислам дека ние стасавме во канцеларијата околу полноќ – додаде Манев.

Палевски ги цитираше исказите на Манев дадени во Обвинителство на 3.12.2023 во однос на пукањето во Вања.

– Сте дале две верзии на иста околност во ист исказ. Цитирам „додека ја вртев колата тој испука куршум во детето, каде точно, не видов“. На крајот на истиот исказ изјавивте „за девојчето бев малку подолу од настанот, но истрелот го слушнав, испукан од пиштолот на Палчо“. На 6.12.2023 година го менувате исказот и сте изјавиле, „како што лежеше поставено девојчето, Љупчо пријде со перниче во раце и испука“. Во судот на 12.3.2025 рековте дека сте гледале накај лозјето каде требало да се смести детето и се случило пукање во Вања, а потоа е копана дупката. Ве прашувам дали имаше преместување на телото на убиеното дете? – праша Палевски.

– Во моментот кога Палевски ја уби Вања, не бев 100 метри далеку да разгледувам лозја, бев на 10 до 15 метри кога го видов дека го носи перничето и пука. Не знам што не е јасно. Потоа извади нови алати и нѐ натера да ископаме дупка на десетина метри од местото каде што ја уби. Нѐ натера да ископаме дупка и да ја закопаме.  Единствено преместување после убиството е кога го преместивме во дупката – рече Манев.

– Кажавте на 3.12.2023 година дека откако е пукано во девојчето не се правеше никакво преместување на телото, туку ја затрупавме. Зошто сте кажале три различни верзии за убиството на Вања? – праша Палевски.

– Кажав во каква состојба сум бил кога ги давав тие две изјави. После ми се избистри комплетно главата и решив да ја зборувам вистината, па што сака нека биде понатаму – рече Манев.

– Кажавте дека не сте ја зборувале вистината и ви требало година и три месеци да ви се избистри главата за да ја кажете вистината. Ви предочувам фото документација, доказ број 5 од листата докази, а тоа е увид од местото на настанот Дупки, првите 9 фотографии. Може ли на овие панорамски фотографи да најдете едно лојзе, куќа или објект? – побара Палевски и преку судски полицаец подаде испринтани црно-бели фотографии до Манев.

Судијата стана и му покажа на Манев оригинални фотографии во боја од увидот.

– Сликано е од брегот над самиот настан. Повеќето слики се кон десната страна, а лозјата и собичките во самите лозја се од левата страна на местото. Тие сѐ уште се таму и може да се видат, знам што видов. Лозјата се од левата страна и не се на фотографиите – рече Манев.

– Колку време ја копавте дупката која ја споменавте во одговор на претходното прашање? – праша Палевски.

– Не можам да кажам, немав саат. Моја груба проценка, дваесетина минути – рече Манев.

– Дали го преместувавте телото на Вања додека е копана дупката? – праша Палевски.

– Само кога ја ставивме дупката – рече Манев.

Палевски му покажа две фотографии и трагите број 9 и број 18, на кои има е пронајдена крв.

– Единствени, трета трага од крв нема. Како е можно детето да е убиено со пиштол од 9 милиметри, надвор од дупката, 20 минути да лежи на земја и да нема ниту една капка крв, а единствените траги да бидат во дупката? – праша Палевски.

– Детето беше во вреќата пред да го преместиме. Кога го положивме во гробот, Палевски ја извлече вреќата и ја фрли во колата на Панче. Можно е вреќата да ја држела крвта и да не дозволи да падне на местото каде што ја уби – рече Манев.

„ПРАШАЈТЕ ГО ПАЛЕВСКИ ЗОШТО ЈА УБИ ВАЊА“ Манев вели дека само Палевски го знаел планот за откуп

– Кажавте дека сум присутен на место на настан Дупки, сум дошол со „рено кангу“, доказ 81 од листата на ОЈО, кој недвосмислено утврдил дека трагите на местото на настан од пневматици не се од „рено кангу“. Каде беше „реното“ за време на настанот? – праша Палевски.

– Беше горе, на самото место – одговори Манев.

– Кажавте дека од „кангуто“ сум извадил лопата и алат за да ја копате дупката. Доказот број 80 од листата на ОЈО покажува дека приложената лопата не ја копала таа дупка – рече Палевски.

– Алатот, кој го вадите од „рено кангу“ лично вие, виден на камерите од 24.11.2023 година од вашиот дом, дали го одзела полицијата од вашиот дом? – праша Палевски.

– Не знам. Со тие лопати беше закопан Панче Жежовски. А тоа што го вадам со десна рака, што не се распознава, е рачна пила со која ги сечев даските од таваницата од земуницата. А алатите со кои е копана дупката за Вања се фрлени по пат, во дол, кога одеме кон Глуво и местото за палење на колата на Панче. Тоа беа комплет нови алати – појасни Манев.

– Како е возможно по наредба на ОЈО да се вештачи таа лопата и да се утврди дека земјата на лопатата не е од место на настан Дупки, како е можно со тие лопати да е закопан Панче? – праша Палевски.

– Не знам како дошле до заклучок во ОЈО. Битно е дека со таа лопата не е копана дупката за Вања. Тие се фрлени во долот, на 500 метри по асфалтниот пат. Влатко Кешишев ги фрлаше. Тој беше позади во пикапот и тој ги исфрли алатите. Алатот кој беше кај мене е стар алат. Тој го користевме за закопување на Панче – рече Манев.

– Влатко ги фрлал лопатите, како што рековте. Но посочената лопата е посочена и од Кешишев. Како е можно на таа лопата да не постои земја од место на настан – праша Палевски.

– Палевски ги чистеше алатот и лопатата. Знам и дека Кешишев ги фрли. Ќе сведочи и Кешишев, па нека каже – додаде Манев.

– Кажавте дека сум ги бришел алатите. Каде ги бришев алатите? – праша Палевски.

– Веднаш после закопувањето на Вања, пред да ги стави во возилото, ги чистеше од рачка до комплет метал и ги прскаше со WD-40, наводно тоа ги уништува ДНК трагите. Така ги стави во возилото и тргнавме кон местото за палење на „цитроенот“. На местото каде се излегува на асфалтот, тргнавме нагоре и отприлика после 500 метри Кешишев, кој беше одзади, ја отвори вратата. Возилото подзастана и Кешишев ги исфрли алатите во долот и во трњата – објасни Манев.

– Рековте дека на местото на настанот сум пристигнал со „рено кангу“ во кое постојат, со две вештачења, 5 ДНК траги и ниту една од мене. Ве прашувам дали го чистев од ДНК и „реното“, како што кажавте и за лопатата – праша Палевски.

– Не можам да знам што правел со „кангуто“ откако заминавме. Дали чистел, тој си знае. За лопатите видов со мои очи, за „кангуто“ не сум видел – рече Манев.

– Кажавте дека е пукано во Вања преку перниче. Во судот се приложени две перници на кои нема прострелна дупка ниту барутни честички. Каде е перницата? – праша Палевски.

– Фрлена е во возилото на Панче Жежовски и запалена. После убиството, веднаш ја фрли перницата во возилото на Панче, како и вреќата во која беше спакувана Вања – рече Манев.

– Во исказот во ОЈО од 6.12.2023 година тврдите дека перничето е фрлено на местото каде е запален „цитроенот“, во „цитроенот“. Кој го донесе перничето на местото на палење на „цитроенот“? – праша Палевски.

– „Цитроенот“ на Панче го донесе перничето на местото на палењето. Пак ќе повторам. Откако ја уби Вања, го фрли во „цитроенот“. Јас го возев „цитроенот“ до местото на палење – рече Манев.

– Ова прашање ви е поставено врз основа на вашиот исказ во ОЈО на 6.12.2023 година во кој тврдите дека перничето е фрлено во „цитроенот“ пред да биде запален. Со кого бевте во „цитроенот“ кога се упативте од Дупки кон местото за палење? – праша Палевски.

Манев рече дека бил сам.

– Во минатиот исказ кажавте дека додека гледате во лозја Палевски пука во Вања преку перниче. Како успеавте да гледате и во лозја и во пукањето? – праша Палевски.

– На 10 до 15 метра растојание се гледа. Јас не гледав само во лозја, гледав и Палевски што прави – рече Манев.

– Во колку часот стасавте во местото Дупки по грабнувањето на Вања? – праша Палевски.

– Немавме телефон, како да знам во колку часот сме биле горе – одговори Манев.

– На записник во ОЈО сте кажале дека сте стигнале во 8.30 часот и дека сум извадил телефон и сум констатирал џева или паника на социјалните мрежи. Што се случуваше со тој телефон на местото на настанот Дупки? – праша Палевски.

– Откако завршивме со закопувањето на Вања, Палевски си запали ладнокрвно цигара и си го отвори телефонот за да види што е и како е на интернет. Тогаш го кажа тоа, дека се дигнала џева, дека се бара Вања – рече Манев.

– Сега кажавте дека по убиството на Вања повторно сум запалил цигара, како во случајот со Панче и сум сурфал на мрежата и сум констатирал паника. Како може во 8.30 или 9 часот, сеедно, да видам нешто што се случило подоцна. Зорица Ѓорчевска сведочеше дека првата објава ја направила во 11 часот. Паниката на интернет беше дигната претходно – рече Палевски.

После ова судот даде пауза од 15 минути.

Поврзани содржини