ОКОЛУ 160 ПАЦИЕНТИ ЧЕКААТ БУБРЕГ Трансплантациите се во застој зашто се реновира Клиниката за урологија

Најмладиот пациент на дијализа имал само четири години и нему веќе му е трансплантиран бубрег. Сега најмладиот пациент кој посетува центар за дијализа има 13 години. Најмладиот пациент на кој му е извршена бубрежна трансплантација е на 15-годишна возраст, а најстариот има 67 години.

65

Трансплантација на бубрег чекаат околу 160 пациенти во Македонија. Во моментов на дијализа одат 1.657 пациенти во 23 центри за дијализа, распоредени низ 17 градови. Најмладиот пациент на дијализа имал само четири години и нему веќе му е трансплантиран бубрег. Сега најмладиот пациент кој посетува центар за дијализа има 13 години.

Од Здружението на бубрежно болни „Нефрон“ бараат да се креира глобална стратегија за справување со бубрежните заболувања, со акцент на превенцијата и раниот скрининг за навремено откривање на болеста. Потребен е систем каде бубрежно болните лица ќе може да ги остварат нивните права без да талкаат по здравствените и социјални лавиринти, со психо-социјална поддршка на пациентот и семејството, бидејќи тоа е болест што се одразува на поширокото семејство.






Поради реновирање годинава не е направена трансплантација

Годинава не е направена ниедна трансплантација поради реновирање на одделението на Клиниката за урологија. Директорот на Универзитетската клиника за урологија во Скопје, Башким Шабани за МИА појаснува дека во моментов имаат четири болнички соби, каде се вршат интервенции само на итни случаи и пациенти со карцином.

– Се планира реновирањето да заврши најдоцна до 15 април и по ова ќе почнеме со трансплантација на ливинг-донор и кадаверична трансплантација. Напоменувам дека во овој момент Центарот за трансплантација е нефункционален поради фактот што во тие простории биле третирани прележаните пациенти со коронавирус и поради тоа што технички не е функционален, а за жал, овие простории за време на пандемијата биле оштетени. По завршување на реновирањето, се предвидува реновирање и на Центарот за трансплантација – вели Шабани.

Од 1977 година до денес извршени се 596 трансплантации, од кои 512 од жив донор и 84 кадаверични.

– Во споредба со другите балкански земји, ние сме на врвот, во подобра состојба со трансплантација на бубрези. Во однос на европските земји сме многу далеку назад – вели Шабани.

Најмладиот пациент на кој му е извршена бубрежна трансплантација е на 15-годишна возраст, а најстариот има 67 години. Според Шабани, листата на чекање за трансплантација на бубрег во земјава е долга.

– Околу 160 пациенти чекаат за ливинг-донор и кадаверична трансплантација – нагласува Шабани.

Тој вели дека на Клиниката има доволно стручен кадар, а во иднина се планира да има најмалку три екипи за трансплатација.

– Има посебна екипа која се занимава со трансплантација на бубрези. Има и втора екипа за трансплантација од искусни уролози, кои ќе ги користат искуствата од нашата клиника. Направен е план за едукација во развиените центри за трансплантација и во иднина, планираме да има најмалку три екипи за трансплантација – појаснува Шабани.

Болеста се игнорира сѐ додека не се појават тешки симптоми, кога нема враќање назад

Душко Ѓоргиев, претседател на здружението на бубрежно болни граѓани „Нефрон“, вели дека бубрежните заболувања се сериозен предизвик со кој се соочуваат скоро сите здравствени системи во светот.

– Затоа што 1 од 10 возрасни има некоја форма на бубрежно оштетување и затоа што хроничната бубрежна болест во раните стадиуми е тивка и подмолна болест без симптоми, па пациентите воошто не се свесни за болеста и за последиците што може да произлезат од неа. Недоволно развиениот систем за превенција и рано откривање на болестите е една од причините да нема ниту доволно развиена свесност кај населението. Податоците говорат дека скоро 90 отсто од луѓето кои се соочуваат со хронична бубрежна болест го игнорираат нејзиното постоење сѐ додека не се соочат со тешки симптоми или многу напредната фаза на болеста од што веќе нема враќање назад – истакнува тој.

Тој вели дека треба да се прави проверка на здравјето на бубрезите најмалку еднаш годишно преку проверка на крвта и тестови на урина кои се широко достапни, како и редовно следење и регулирање на ризик факторите што доведуваат до хронична бубрежна болест, а тоа се регулирање на крвниот притисок, регулација на шеќерот во крвта и одржување на добра телесна тежина, практикување здрав живот и консумација на здрава исхрана и течности.

Заостанува трансплантацијата од кадавери

Според податоците со кои располагаат во Здружението на бубрежно болни граѓани, на листата за чекање за трансплантација на бубрег од кадавер имало околу 100 – 150 пациенти.

– Во услови кога трансплантацијата од кадавер не е развиена доволно, пациентите на дијализа не се запишуваат на листата за чекање затоа што потребната типизација и испитувањата што треба да ги направат се многубројни, сложени, бараат време и финансиски средства. Минатата година ја завршивме со две кадавери (четири бубрежни трансплантации) и тоа има голем одраз на вербата на пациентите во тоа дека ќе дочекаат орган од листата. За жал, Програмата за трансплантација за 2025 година предвидува пет кадавери што во старт е премалку за потребите и очекувањата на пациентите. Очекуваме многу повеќе да се направи, особено во кадаверичните трансплантации. За жал, по број на трансплантации на бубрези заостануваме и во регионот и пошироко, веќе подолг период. Се залагаме за поголем број кадаверични трансплантации, без ограничување на бројот со годишна програма, туку да се трансплантираат сите обезбедени органи – вели Ѓоргиев.

Тој апелира за што поголем број трансплантации на бубрези од жив донор и од кадавер во раната фаза на болеста, со што значајно би се намалил бројот на пациенти на дијализа што претставува тешка и скапа процедура. Трансплантацијата, покрај тоа што е најдобро решение за пациентот, заштедува значајни средства од здравствениот буџет – една трансплантација чини колку една годишна дијализа, нагласува Ѓоргиев.

Кампањата за Светскиот ден на бубрегот е глобална кампања што започна да се спроведува во 2006 година од страна на ISN I IFKF (Интернационални федерации за бубрежни болести), а Здружението на бубрежно болни се приклучи кон таа кампања во 2007 година.

Поврзани содржини