ОГНОТ КАЈ ЧЕГРАНЕ СЀ УШТЕ ГОРИ Пожари избувнаа на повеќе локации, дел веќе се изгаснати

Во текот на денот се регистрирани шест пожари на отворен простор низ Македонија, од кои еден сè уште е активен во гостиварскиот регион, додека повеќе интервенции се успешно завршени.

0

На територијата на Македонија до 18 часот денеска се регистрирани вкупно шест пожари на отворен простор, соопштуваат надлежните служби.

Од нив, еден пожар останува активен, еден е ставен под контрола, а четири се целосно изгаснати.






Активен е пожарот во гостиварскиот регион, во близина на селото Чегране, каде што се зафатени ниска вегетација и грмушки, а екипите остануваат на терен и работат на негово целосно локализирање.

Под контрола е ставен пожарот кај селото Железница во Општина Кратово, каде што горела депонија.

Во текот на денот, пожарникарите интервенирале на повеќе локации и успешно ги изгаснале пожарите во неколку општини низ државата. Меѓу нив е пожарот меѓу селата Муртино и Банско во струмичкиот регион, каде што биле зафатени ѓубре, ниска вегетација и шибје.

Изгаснат е и пожарот во Општина Теарце, во близина на бензинската пумпа „Стјудес Петрол“, каде што горела ниска вегетација.

Дополнително, под контрола се ставени и пожарите на потегот меѓу селата Панчарево и Црник во Општина Пехчево, како и кај селото Долно Дуќани во велешкиот регион.

Надлежните служби и понатаму ја следат состојбата на терен, особено поради високите температури и зголемениот ризик од нови пожари.

Институциите апелираат до граѓаните да бидат крајно внимателни при движење и престој на отворено, да избегнуваат активности што можат да предизвикаат пожар и да пријават секое сомнително однесување.

Поврзани содржини