ОД РЕАЛИТИ ЅВЕЗДА ДО БРОДВЕЈ Ким Кардашијан станува продуцентка на претстава за неправедно осуден затвореник

Ангажманот како продуцентка на претставата „The Fear of 13“ е продолжение на нејзината долгогодишна борба за реформи во кривичното право

45

Ким Кардашијан додава уште една титула во своето богато резиме – станува продуцентка на Бродвеј. Таа ќе работи на театарската претстава The Fear of 13, во која главните улоги ги толкуваат Едриен Броди и Теса Томпсон.

Претставата, која премиерно се прикажува на 15 април во James Earl Jones Theatre, ја раскажува вистинската приказна за Ник Јарис – човек кој поминал повеќе од две децении во затвор за осудени на смртна казна, пред да биде ослободен откако ДНК-докази ја потврдиле неговата невиност.

Кардашијан објасни дека нејзиното вклучување во проектот е логично продолжение на нејзиниот активизам.

– Реформата на кривичното право е длабоко лична мисија за мене. Видов одблизу како системот може да потфрли и се посветив да се борам за оние чии гласови не се слушаат – изјавила таа.

Приказната за Јарис започнува во 1982 година, кога бил неправедно осуден за силување и убиство. И покрај тоа што постојано тврдел дека е невин, неговите апели биле игнорирани сè додека активистката Џеки Шафер не се вклучила во неговиот случај. Подоцна, тој станал првиот затвореник во Пенсилванија ослободен од смртна казна благодарение на ДНК-докази.

Неговата приказна е пренесена и во документарецот The Fear of 13, како и во мемоарите „Seven Days to Live“. Театарската адаптација е на Линдзи Ферентино, а режијата е на добитникот на наградата Тони, Дејвид Кромер.

Проектот е поддржан и од Innocence Project, која работи на ослободување на неправедно осудени лица и реформирање на системот.

Инаку, Кардашијан веќе неколку години активно се бори за правда, а особено внимание привлече во 2018 година кога помогна во ослободувањето на Алис Мари Џонсон, осудена на доживотен затвор за ненасилно кривично дело поврзано со дрога.

Таа воедно студира право и има завршено правничка пракса во Калифорнија, иако сè уште не го положила правосудниот испит. Во интервјуа признава дека токму личното запознавање со затворениците ѝ помогнало да го смени ставот.

– Не можев само да седам на страна. Луѓето можат да се променат и заслужуваат втора шанса – вели таа.

Претставата „The Fear of 13“ ќе се изведува ограничено – вкупно 16 недели – но веќе предизвикува големо внимание поради силната приказна и ангажманот на познати имиња кои стојат зад нејзината реализација.

Поврзани содржини