ОБВИНЕТИОТ МИТКО СТОЈАНОВ БАРА ДА МУ СЕ УКИНЕ ПРИТВОРОТ ЗА ДА НЕ ОСТАНЕ БЕЗ КУЌА Презентирани докази за објектот во кој работеше дискотеката „Пулс“

На денешното рочиште беа презентирани докази за објектот, неговата сопственост и движењето на имотот, односно целокупната фактичка, правна и сопственичка историја на објектот каде се наоѓаше дискотеката „Пулс“.

297

Со изведување материјални докази на Обвинителство, денеска во судницата на Кривичниот суд во Идризово продолжи судењето за пожарот во кочанската дискотека „Пулс“, во кој загинаа 63 луѓе, а 222 беа повредени.

Пред Судот беа презентирани докази за објектот, неговата сопственост и движењето на имотот, односно целокупната фактичка, правна и сопственичка историја на објектот каде се наоѓаше дискотеката „Пулс“.






Обвинителството презентираше 19 записници од извршен увид од комунални инспектори во кафе-барот „Класик“, во кои како управител е наведен обвинетиот Митко Стојанов, директор на фирмата „ММММ кафе“, која стопанисуваше со кафе-барот и со дискотеката. Сите увиди се извршени во негово присуство.

Беа презентирани повеќе докази поврзани со барање од Никола Кузманов од 1999 година, кој е првиот сопственик на имотот каде беше „Пулс“. Барањата се однесуваа на изградба на деловен објект, заедно со план, проект и елаборат за градба, како и документ и одобрение за градба издадени од Министерство за урбанизам и градежништво.

Беа приложени и документи од Гроздан Милковски – сопственик на имотот и на објектот во кој функционираше дискотеката, како и документација за легализација на бесправна градба на дел од објектот . Меѓу овие докази беа приложени имотен лист со објект на Милковски, купени од претходниот сопственик Кузманов, како и документација за легализација на дивоизградената доградба на објектот, направена подоцна.

На минатото рочиште се изведуваа материјални докази на Обвинителството – видеоснимки и фотографии од „Пулс“, од критичната вечер и од претходните години.

Судот на почетокот на денешното рочиште им посочи на дел од одбраната дека доказите кои се презентираат од Обвинителството се обезбедени во оригинал и доколку сакаат може да извршат увид.

Одбраната на Митко Стојанов до Судот достави предлог за укинување на мерката притвор и замена со мерки за претпазливост, укажувајќи дека тој повеќе од една година е без работа и без приходи и дека мора да работи за да го враќа хипотекарниот кредит, за да не остане без куќа.

Пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани избувна на 16 март 2025 година за време на настап на групата ДНК. Судењето го води судијката Дијана Груевска-Илиевска, а обвинението го застапува тим од 15 јавни обвинители.

Поврзани содржини