МУНДИЈАЛОТ ЌЕ ИМ ДОНЕСЕ 9 МИЛИЈАРДИ ДОЛАРИ НА ЗЕМЈИТЕ ОРГАНИЗАТОРИ Која колку ќе заработи?

Се проценува дека за време на првенството, посетителите ќе потрошат околу 8 милијарди американски долари за сместување, угостителство, транспорт, шопинг и забава. Дополнителни 1 милијарда американски долари се очекуваат преку приходите од авиокомпаниите, додека приближно ист износ ќе се инвестира во безбедносни операции.

0

Светско првенство во фудбал кое го организираат САД, Канада и Мексико, може да создаде околу 9 милијарди американски долари дополнителна економска активност во Северна Америка во текот на јуни и јули, покажува анализата на меѓународна осигурителна компанија Алијанц Трејд.

Според анализата се очекуваат околу 6,5 милиони посетители, од кои 2,6 милиони меѓународни, да присуствуваат на настаните.






„Иако ФИФА очекува рекордни 13 милијарди американски долари комерцијални приходи во циклусот од 2023 до 2026 година, најголемиот дел од вкупните приходи ќе дојдат токму од туристичките трошоци“, соопшти Алијанц Трејд.

Се проценува дека за време на првенството, посетителите ќе потрошат околу 8 милијарди американски долари за сместување, угостителство, транспорт, шопинг и забава. Од тоа, дури 6,8 милијарди се однесуваат на странски посетители, додека остатокот оди на домашна потрошувачка. Дополнителни 1 милијарда американски долари се очекуваат преку приходите од авиокомпаниите, додека приближно ист износ ќе се инвестира во безбедносни операции.

Според анализата, најголема добивка ќе имаат САД, околу 5,4 милијарди американски долари дополнителна економска активност, по што следат Мексико со 1,4 милијарди и Канада со 1,2 милијарди американски долари.

Секторите поврзани со туризмот ќе имаат најголема корист од ова првенство. Хотелите во градовите домаќини очекуваат пополнетост помеѓу 90 и 95%, а цените за сместување ќе се зголемат за 15 до 20% по објавувањето на распоредот на натпреварите. Авиокомпаниите исто така ќе имаат корист од зголемената побарувачка и ограничениот капацитет, додека угостителската, малопродажната и забавната индустрија ќе забележат значителен раст на приходите благодарение на зголемените трошоци на навивачите.
Сепак, анализата покажува и дека макроекономските перформанси на првенството ќе останат релативно ограничени во однос на големината на економиите на земјите домаќини.

Се проценува дека Светското првенство ќе го зголеми БДП на САД за околу 6,1 милијарди американски долари, мексиканскиот за 1,7 милијарди и канадскиот за 1,3 милијарди американски долари, што претставува само мал придонес кон нивниот вкупен економски раст.

Поврзани содржини