МОЖЕ ЛИ ЊУЈОРК ДА БИДЕ „ЛЕБЕДОВАТА ПЕСНА“ НА ЃОКОВИЌ? Неочекуван пресврт му ја отвора шансата за 25. гренд слем

Алкараз е надвор од терените од април, а Синер го прескокнува Синсинати поради проблеми со коленото. Српскиот ас одамна немал ваква ситуација пред еден гренд слем.

0

Тенискиот ас Новак Ѓоковиќ можеби дочека шанса што до неодамна изгледаше малку веројатна. На прагот на 40-тата година, здравствената состојба на неговите најголеми ривали повторно го внесува во равенката за трофејот на Отвореното првенство на САД, пишува Нова.

Карлос Алкараз е надвор од терените од април и го откажа настапот во Синсинати. Јаник Синер, исто така, реши да го прескокне турнирот поради проблеми со коленото.






Токму двајцата во последниот период претставуваа најголема пречка за Ѓоковиќ на најголемите турнири.

Србинот, пак, не одигра натпревар по поразот од Синер на Вимблдон. Синсинати треба да биде негова подготовка за Њујорк.

Синер и Алказар му го затвораа патот, сега се под прашалник

Физичката издржливост стана еден од најголемите предизвици за Ѓоковиќ. Тој сè уште покажува дека може да одигра натпревар на највисоко ниво. Потешко е таквите изданија да ги повторува едноподруго.

Тоа особено се гледа кога на патот му стојат Синер и Алкараз.

Последниот впечатлив пример дојде на Австралија опен. Ѓоковиќ го совлада Синер во пет сета, а потоа го освои првиот сет против Алкараз во финалето. Во продолжението не успеа да го задржи истото темпо.

Токму затоа нивната неизвесност пред Њујорк отвора поинаква слика.

Меѓу останатите потенцијални ривали се Александар Зверев, Бен Шелтон, Алекс де Минор, Феликс Оже-Алијасим и Лоренцо Мусети.

Њујорк е местото на неговиот последен голем триумф

Ѓоковиќ последен пат освои гренд слем токму во Њујорк, во септември 2023 година. Таа сезона освои три од четирите најголеми турнири и ги одигра сите 28 гренд слем натпревари.

Оттогаш потрагата по рекордната 25. титула продолжува.

Самиот Ѓоковиќ, сепак, не сака целата завршница на неговата кариера да се сведе на една бројка.

По поразот од Синер на Вимблдон зборуваше отворено за притисокот што го чувствува.

– Тоа не е крајната цел, многу луѓе вршат притисок врз мене, и луѓето што се во мојот втор круг на блискост, и медиумите… Разбирам дека луѓето навистина сакаат да ги освојам тие 25, и јас го сакам тоа, но тоа не е крајната цел – рече Ѓоковиќ.

А што ако никогаш не дојде 25-тата?

Ѓоковиќ потсети дека зад себе веќе има 24 гренд слем титули, повеќе од 100 освоени турнири и над 400 недели на врвот на АТП-листата.

„Навистина почнува малку да ме нервира затоа што, некако, како да не сум доволен за себе, а потоа другите ми ставаат дополнителен товар. Како 24 да не е доволно, мора да биде 25“, рече тој.

Потоа го постави и прашањето што ја опишува неговата сегашна перспектива.

– И што ако никогаш не дојде? А што сега? Дали тоа тогаш е неуспешна кариера?

Србинот нагласи дека гренд слем турнирите и натаму остануваат негов приоритет. Но, сака самиот да одлучи колку долго ќе трае неговата кариера.

– Би сакал луѓето да го почитуваат мојот избор и да не ме притискаат кога ќе се пензионирам, кога ќе имам 25, кога ќе се случи ова, кога ќе се случи тоа, туку едноставно да го почитуваат мојот простор, моето време, моите одлуки. Кога ќе дојде, ќе дојде – рече Ѓоковиќ

Поврзани содржини