МОЛОТОВИ КОКТЕЛИ И ПРИВЕДЕНИ МАЛОЛЕТНИЦИ Рама бара одговорност по хаосот во Тирана
19 полицајци повредени во протестите во Тирана, приведени и малолетници, Рама обвини дека опозицијата користела „рачни бомби“.
Албанскиот премиер Еди Рама остро ја нападна Демократската партија по синоќешните насилни протести пред Владата и Парламентот во Тирана, во кои беа повредени 21 лице, од кои 19 полицајци. Рама обвини дека опозицијата стои зад нападите со молотови коктели и пиротехника, кои ги нарече „оружје со смртоносен капацитет“.
Во објава на Икс, Рама напиша дека полицајците биле „нападнати, запалени и повредени“ со, како што наведе, рачно изработени бомби.
– Ова се рачно изработените бомби со кои полицајците беа нападнати, запалени и повредени синоќа, од единствената политичка партија во демократскиот свет што практикува насилство и втора во историјата на целиот свет, по онаа на озлогласениот Роберт Мугабе од Зимбабве, предводена од заблуден осумдесетгодишник (Бериша)! – рече Рама.
Тој побара од институциите да обезбедат правда за повредените полицајци и одговорност за сите што фрлале пиротехнички средства и тврди предмети кон безбедносните сили.
Рама порача дека политичката пресметка ќе се случи на изборите следната година.
– Што се однесува до политичката судбина на овој нов циклус улични немири, таа ќе биде напишана како и обично, на изборите следната година, со уште подлабок пораз од претходните, додека ние ќе продолжиме со несмален интензитет по патот кон Албанија 2030 во Европската Унија – наведе премиерот.
Во меѓувреме, Министерството за здравство соопшти дека во протестите се повредени 21 лице – 19 полицајци, еден пратеник од редовите на демократите и еден граѓанин. Поголемиот дел од повредените имаат изгореници на екстремитетите.
Министерството за внатрешни работи информираше дека се приведени 19 лица, меѓу кои и четворица малолетници, а истрагата за идентификација на други учесници во насилствата продолжува.