📷 МЕКСИКАНСКАТА ПОЛИЦИЈА ТРАГА ПО „БЕТМЕН ОД ЛАГОС“ Врзува крадци на бандери и им црта мустаќи

Полицијата во Мексико трага по мистериозен одмаздник кого локалните медиуми го нарекоа „Бетмен“. За десетина дена најмалку петмина осомничени крадци на мотоцикли биле пронајдени врзани со леплива лента за столбови за улично осветлување.

11

Мистериозен одмаздник ги полни насловните страници во Мексико. Полицијата во градот Лагос де Морено трага по лице кое самостојно лови осомничени крадци на мотоцикли и ги остава врзани за бандери низ градот.

Во период од само 10 дена, најмалку петмина мажи биле пронајдени беспомошно залепени со леплива лента за столбови за јавно осветлување.






Мустаќи на лицето и порака до минувачите

Според локалните медиуми, на дел од мажите им биле исцртани мустаќи и мачкини бркови на лицето. На нив им бил испишан и зборот „крадец“ на шпански јазик.

Покрај врзаните лица често биле оставани и мотоцикли за кои одмаздникот тврдел дека биле украдени. Фотографиите брзо се прошириле на социјалните мрежи.

Токму поради ваквиот начин на дејствување, локален новинар го нарекол „Бетмен од Лагос де Морено“.

 

Полицијата ги третира врзаните како жртви

Мексиканските власти соопштија дека пронајдените лица се третираат како жртви, а не како осомничени. По ослободувањето им била укажана лекарска помош поради повредите што ги претрпеле.

Засега нема информации дали против нив се водат постапки за наводните кражби.

Полицијата, пак, се обидува да го открие идентитетот на самопрогласениот чувар на редот.

Според безбедносните служби, веќе се идентификувани две возила кои би можеле да бидат поврзани со необичните инциденти.

Поврзани содржини