📽️ МЕЧКА УНИШТИ АВТОМОБИЛОТ ДОДЕКА ГО БРАНЕШЕ МЕЧЕТО Камерата го сними жестокиот напад
Мечка нападнала автомобил во јапонската префектура Хокаидо, откако возилото забавило во близина на нејзиното живеалиште. Возачот останал неповреден, но автомобилот претрпел сериозни оштетувања.
Во јапонската префектура Хокаидо се случила уште една исклучително опасна и драматична средба меѓу човек и диво животно.
Во градот Бифука, во вторникот во доцните попладневни часови, возач на помал автомобил ненадејно се нашол пред кафеава мечка и нејзиното мече.
Иако, според снимката од камерата поставена во автомобилот, животните во првиот момент се обиделе да побегнат, ситуацијата целосно излегла од контрола и драматично се влошила кога возилото почнало да забавува, пренесува „NHK World Japan“.
Возрасната мечка за само неколку секунди неочекувано се исправила на задните нозе, се залетала и директно удрила во возилото.
Таа повеќепати скокала врз автомобилот и со телото силно удирала по предниот дел и хаубата, сè додека на крајот не се повлекла со мечето во густа шума.
Шокираниот возач успеал да го помине морничавиот инцидент без повреди. Сепак, нападот предизвикал сериозни оштетувања на автомобилот.
Снимките од местото на настанот покажуваат длабоки вдлабнатини на хаубата, големи и длабоки гребнатини, па дури и целосно пробиена дупка во лимот, настаната од силината на ударот.
Бидејќи драматичниот настан се случил во непосредна близина на природното живеалиште на мечките, локалната полиција веднаш реагирала и издала официјално предупредување.
Полицијата ги повикала сите жители и возачи кои минуваат низ областа да бидат исклучително внимателни и да возат со зголемена претпазливост при движењето низ овој регион.