МАРИЈАНА И РОСАНА ПО 35 ГОДИНИ СНИМААТ НОВА ПЕСНА И СПОТ „Засекогаш млади“ ги обедини сестрите, Дац и Александар
Снимаме спот со Маријана и Росана. Чекавме цели 35 години за пак да ни запеат. „Засекогаш млади“ доаѓа наскоро - напишаа Дац и Александар на Инстаграм покрај сликата со близначките најавувајќи ја нивната заедничка песна
По повеќе од три и пол децении, едно од најпрепознатливите музички дуа на македонската сцена повторно е заедно. Сестрите близначки Маријана Новачевска и Росана Сариќ-Тодоровска деновиве го снимаат видеоспотот за новата песна „Засекогаш млади“, која ја реализираат заедно со Драган Спасов-Дац и Александар Митевски.
Фотографиите од снимањето веќе предизвикаа голем интерес кај публиката.
– Снимаме спот со Маријана и Росана. Чекавме цели 35 години за пак да ни запеат. „Засекогаш млади“ доаѓа наскоро – напишаа Дац и Александар на Инстаграм покрај сликата со близначките најавувајќи ја нивната заедничка песна, а и Росана објави фотографија на која таа и Маријана насмеани позираат во кабриолет, со кратката порака: „Снимаме спот! Засекогаш млади“.
View this post on Instagram
За љубителите на македонската музика, не станува збор само за нова песна, туку за враќање на гласовите кои во 1980-тите беа меѓу најпопуларните во земјата. Хитовите како „Признавам“, „Едно срце“ и „Стој“ и денес се сметаат за евергрини, а музиката на двете сестри остана препознатлива и по повеќе генерации.
Приказната добива уште поголема тежина ако се знае дека Маријана повеќе од 30 години живее во Австралија, каде се пресели во почетокот на деведесеттите години. Токму нејзиното заминување стави крај на активната работа на дуетот со сестра ѝ.
Новата песна е дело на Александар Митевски, а според објавата на Маријана, снимањето на спотот е во завршна фаза.
– Со гордост објавувам дека после многу години снимивме нова песна, нов хит со Александар и Дац. За песната ‘Засекогаш млади’ деновиве се снима и спот – напиша таа на социјалните мрежи.
Името на песната не е избрано случајно. Пораката е дека музиката, пријателството и спомените не стареат, без разлика колку време поминало.
Засега не е објавен датумот на премиерата на видеоспотот, но според информациите од тимот, снимањето е во тек и се очекува наскоро песната да биде претставена пред јавноста.