ЛЕЌА ЛИ Е, КАВИЈАР ЛИ Е? Црната леќа, позната како белуга, има голема нутритивна вредност
Црната леќа, позната и како „белуга“ е богата со растителни протеини и влакна, не бара претходно потопување и се вари за околу 20–30 минути
Црната леќа, позната и како Белуга леќа, е една од најинтересните сорти на леќа. Името го добила поради малите, сјајни црни зрна кои по изглед потсетуваат на кавијарот белуга, најреткиот и најскапиот вид кавијар на светот (се добива од икрата на рибата белуга есетра). За разлика од црвената леќа, која при варење брзо се распаѓа, црната леќа ја задржува формата и има поцврста, пријатна текстура, поради што е одлична за салати, прилози, чорби и топли јадења.
Нејзината најголема предност е нутритивниот состав. Леќата генерално е добар извор на растителни протеини, диететски влакна, железо, фолати и цинк, а црната Белуга леќа содржи и магнезиум, цинк, железо и витамини од групата Б. Црната леќа е особено интересна и поради природниот пигмент антоцијанин, кој е одговорен за нејзината темна боја. Влакната и протеините ја прават леќата намирница која заситува, а може да биде особено корисна во исхрана во која се намалува внесот на месо. Истражувањата за леќата и мешунките генерално укажуваат на поволни ефекти врз кардиометаболичкото здравје, вклучително и подобрување на одредени показатели на холестеролот и регулирањето на шеќерот во крвта. Сепак, важно е овие придобивки да се гледаат како дел од целокупната здрава исхрана, а не како лековито дејство на една намирница.