КУРБАН БАЈРАМ УПАТУВА НА ДЛАБОКИ ВРЕДНОСТИ, ВАЖНИ ЗА ЗАЕДНИЦАТА Честитка од претседателката Сиљановска-Давкова до муслиманските верници
Во свет обременет со неизвесност, недоверба, отуѓеност и ослабено чувство на заедничка припадност, големите празници имаат силна духовна димензија и моќ – се вели во честитката од претседателката Сиљановска-Давкова.
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова упати честитка по повод големиот муслимански празник Курбан бајрам до поглаварот на Исламската верска заедница, реис-ул-улема х. хфз. Шаќир еф. Фетаи, до членовите на Ријасетот, муфтиите, имамите и до сите верници од исламска вероисповед.
„Ви упатам искрени честитки по повод големиот празник Курбан бајрам, со желба, да го поминете во мир, радост и семејна благосостојба. Во свет обременет со неизвесност, недоверба, отуѓеност и ослабено чувство на заедничка припадност, големите празници имаат силна духовна димензија и моќ.
Курбан бајрам, преку својата длабока симболика на дарување и пожртвуваност, упатува на вредности, важни за моралната зрелост на заедницата: човечноста, емпатијата, солидарноста и одговорноста кон другиот. Токму во способноста да се зачуваат и да се изразат љубовта и грижата за ближниот, дури и во мигови на разлики и предизвици, се препознава и се мери интегрираноста на општеството.
Само преку разбирање, заемно уважување и култура на почит, различностите можат да бидат предност, а не слабост, да станат мост, а не препрека, да прераснат во единство, надминувајќи ги поделбите“ – се вели во честитката од претседателката Сиљановска-Давкова до верниците од исламска вероисповед.