КОЈ ЌЕ СЕДНЕ ВО ЖЕШКОТО ПРЕМИЕРСКО СТОЛЧЕ? Димитров, Николовски, Шекеринска, Гошев, Нина Фити
Секако, сите овие размислувања и имиња за идниот премиер засега се само неофицијални предлози со кои се сака да се испрати порака до политичкиот врв на социјалдемократите дека во тешките премрежја како што е ова низ кое сега поминува Македонија, треба конечно да се излезе од партискиот обрач.
Премиерот во оставка Зоран Заев почна поединечни средби и консултации со претставниците на партиите што коалицираат во власта за нов мандатар. Неофицијално, се најавува дека мандатарот би можел да биде „вистинско изненадување“, иако веќе неколку дена се споменуваат и имиња на високи функционери и од СДСМ и од ДУИ, но не е исклучена можноста да се избере и непартиска личност, експерт во својата област кој би можел успешно да ја менаџира економската и енергетската криза, иако на завчерашната средба станало збор дека и мандатарот и новите министри треба да дојдат од партиските редови.
Непартиска личност, како што дознаваме би влегла во игра за нов мандатар, ако партнерите во власта не се согласат со ниту еден предлог, ниту со оној што би дошол од Заев, кој исто така најавил на средбата дека ќе влезе во номинирањето со свој предлог. Сепак, како што нагласуваат нашите извори, кој и да биде избран, треба да биде прифатен од сите партнери во власта и најверојатно до крајот на неделава, односно в петок, би се одржала уште една средба од која се очекува да излезе името на новиот мандатар.
Додека течат консултациите со Заев, во политичките кругови и во јавноста се споменуваат неколку имиња на високи функционери од СДСМ, од ДУИ, но и на експерти кои ќе можат успешно да го управуваат кормилото на „македонскиот брод“ пред налетот на економската и енергетската криза, како и на предизвиците од пандемијата.
Министерката за одбрана Радмила Шекеринска велат, би можела многу успешно да ја предводи новата влада и да се справи со предизвиците што ѝ претстојат на земјата и на европски план и дома до евентуални предвремени избори кои додуша никој од коалициските партнери не ги посакува. Но, кога се споменува името на актуелната министерка за одбрана која има недвосмислена поддршка и од странскиот фактор, се додава и тоа дека овој неофицијален предлог може и да не помине само поради латентната криза која извесно време ги обременува добрите односи со Заев, но дека во принцип коалициските партнери не би имале аргументи против да застанат зад еден таков предлог. Потоа, се споменува името и на Никола Димитров, за кого велат дека не само што ја има поддршката и симпатиите на странците, туку тој би можел и да биде клучен играч во претстојниот период кога се во прашање евроинтеграциите во контекст на македонско-бугарските односи, а за кои Заев информирал на средбата со коалициските парнери, дека се очекува голем напредок на Советот на лидерите на ЕУ во декември. Интересно е што и германскиот весник, како што објавивме вчера, „Франкфуртер Алгемајне Цајтунг“ (ФАЦ), во анализа на политичките случувања во земјава по локалните избори и оставката на Заев прогнозира дека премиер во наредниот период ќе биде Никола Димитров.
Генералниот секретар на СДСМ Љупчо Николовски, исто така, се споменува како еден од можните предлози за мандатар, но овој предлог го обременува расположението во СДСМ по изборниот дебакл на локалните избори, за кој неуспех свои заслуги и голема одговорност има и генералниот секретар на социјадемократите. Фатмир Битиќи, потпретседател на СДСМ и вицепремиер за економски прашања, човек со над 20-годишно искуство во менаџирање на економски процеси и реформи, исто така е сериозен кандидат за мандатар кој се споменува во неофицијалните разговори во политичките кругови кој може да ја добие поддршката на коалициските парнери, но неизвесно е како тука ќе одигра ДУИ. Нашите извори велат дека ДУИ нема со отворени раце да го прифати овој предлог.
Од кујната на партијата на Али Ахмети се шпекулира дека би можело да дојде како предлог вицепремиерот Артан Груби, но како што дознаваме овој предлог има среќа што е поддржуван од лидерот Ахмети, но дека хендикеп е што таа поддршка ја нема во партиските кругови. Најмалку тројца пратеници во Собранието не би кренале два прста за Груби, ако дотурка до таму да биде предложен за мандатар, настрана што расположението кај СДСМ и кај коалициските партнери е сепак мандатарот да не биде од ДУИ, кога веќе претседател на Собранието е исто така од ДУИ.
Интересно е тоа што меѓу предлозите за идниот мандатар се споменуваат и имиња на економски експерти со кои се испраќа порака до Заев и коалицијата дека на Македонија во моментов ѝ треба човек кој ќе може да се справи со економските предизвици и најавените кризи, па така од банкарските кругови се слуша името на Нина Фити, ќерката на академикот Таки Фити која е на владина задача како претставник во седиштето на Светска банка. Петар Гошев, поранешниот гувернер на НБМ и поранешен лидер на либералдемократите можеби е вистинскиот човек кој би можел да ја менаџира владата во периодот кој ни претстои, велат нашите извори, но со оглед на интенцијата во жешкото премиерско столче да седне човек од редот на социјалдемократите, предлозите за експерти од таков калибар засега нема да наидат на разбирање, а најверојатно нема ни да бидат прифатени. Секако, сите овие размислувања и имиња за идниот премиер засега се само неофицијални предлози со кои се сака да се испрати порака до политичкиот врв на социјалдемократите дека во тешките премрежја како што е ова низ кое сега поминува Македонија, треба конечно да се излезе од партискиот обрач кога на дневен ред доаѓа изборот на кадар, како што сега отвори простор Заев со својата оставка.
Откако ќе се избере новиот мандатар, се очекува Заев да ја депонира оставката во Собранието, иако на вчерашната средба, било побарано од премиерот да не брза со оставката барем до декември, во пресрет на Советот на европските лидери за да не се испушти шансата за почеток на пристапните преговори со Европската Унија.
Инаку, странските медиуми наведуваат дека политичкиот расплет во земјава ќе помине низ неколку сценарија – актуелното мнозинство да продолжи да раководи со државата, меѓутоа со нов премиер, обид што сега го прави Заев, или да се формира техничка влада која одреден период ќе управува со Македонија и третото е предвремени парламентарни избори, кои, пак, не добија поддршка од коалицијата.