КОЈА Е ВИСТИНСКАТА ПРИЧИНА ЗА ВРАЌАЊЕТО НА ХАРИ И МЕГАН ВО БРИТАНИЈА? Принцот наводно подготвува телевизиски проект за Дијана
Кралскиот новинар Ричард Кеј тврди дека Хари контактирал пријатели и луѓе кои ја познавале принцезата Дијана, за потребите на филмот што го подготвува воочи 30-годишнината од смртта на мајка му. Засега нема официјална потврда за овој проект.
Кеј тврди дека Хари веќе контактирал со пријатели и луѓе кои ја познавале неговата мајка, барајќи од нив да бидат дел од проектот или да споделат свои сеќавања за неа. Информацијата ја пренесоа повеќе странски медиуми, меѓу кои Page Six и Hola, но засега нема официјална потврда од Хари, неговите претставници или продукциска куќа дека ваков филм е во продукција.
Наводниот проект би можел да биде поврзан и со фактот што следната година ќе се одбележат 30 години од смртта на Дијана. Хари во јули со Меган и нивните деца го посети Алторп, семејниот имот на Спенсерови каде што Дијана е погребана. Во странските медиуми се наведува дека принцот во последно време повторно се зближува со луѓе од семејството на неговата мајка.
Токму можноста Хари да направи сопствен телевизиски проект за Дијана повторно ги отвори шпекулациите за односот со неговиот брат Вилијам. Според Ричард Кеј, Вилијам наводно е фрустриран од идејата дека Хари повторно би можел да го преземе јавниот простор поврзан со нивната мајка. Браќата последен пат заеднички работеа на документарецот „Diana, Our Mother: Her Life and Legacy“, објавен во 2017 година.
Сепак, проектот за Дијана не е единствената причина која се споменува како причина за враќањето на Хари и Меган. Странските медиуми наведуваат дека парот сака повторно да воспостави посилни врски со Велика Британија и дека нивните деца Арчи и Лилибет треба да се школуваат таму. Хари, исто така, сака да биде поблиску до својот татко, кралот Чарлс, а Меган размислува за повторно активирање на кариерата во Британија.