КЛИМОВСКИ ПРИЗНА ДЕКА ДРЖАВАТА САКА ДА НАПРАВИ МОНОПОЛ ВРЗ ИГРИТЕ НА СРЕЌА Парите би оделе во Буџетот, а не кај странските компании
Кога приватните лиценцирани приредувачи на игри на среќа би ги организирале игрите на среќа приходите ќе завршуваат за други намени и во странските компании кои стојат зад овие субјекти, рече Климовски.
Директорот на Државна лотарија, Александар Климовски, призна дека државата сака и треба да има монопол на интернет игрите на среќа.
Во своето излагање на денешната јавна расправа за Предлог-законот за игрите на среќа и за забавните игри, покрај аргументите за членовите што Климовски побара да не останат во новото законско решение, тој силно застана на страната на тоа во законот да остане монополот на државата, односно на Државната лотарија над игрите на среќа на интернет, на што предупредуваат приватните компании лиценцирани во земјава за организирање на игри на среќа.
Според Климовски, ако државата ги организира и контролира игрите на среќа, ќе има поголема заштита, но и поголеми приходи за државата.
– Факт е дека доколку државата ги организира игрите на среќа на интернет, парите ќе завршуваат директно во буџетот на државата. Наспроти тоа, кога приватните лиценцирани приредувачи на игри на среќа би ги организирале игрите на среќа приходите ќе завршуваат за други намени и во странските компании кои стојат зад овие субјекти – рече Климовски во своите аргументи зошто интернет игрите на среќа не треба да бидат достапни за приватните компании.