ХУТИТЕ ЌЕ ГИ ЕСКАЛИРААТ СУДИРИТЕ СО САУДИСКА АРАБИЈА Сакаат крај за блокадата на Јемен
Член на Политичкото биро на јеменските Хути вели дека покренале операции за „разбивање на блокадата“ и дека се подготвени да одат „до нивото што ќе биде потребно“ во тој судир.
Хутите се подготвени да го прошират обемот на судирот со Саудиска Арабија, рече членот на Политичкото биро на јеменските Хути, Дајфалах ал-Шами. Тој порача дека ќе ги продолжат операциите чија цел е, како што наведе, ставање крај на блокадата на Јемен.
Во интервју за телевизијата „Ал Мајадин“, Ал-Шами ја обвини Саудиска Арабија дека се обидува да ја избегне одговорноста за, како што рече, последиците од повеќегодишната блокада на Јемен.
Тој истакна дека Хутите покренале операции за „разбивање на блокадата“ и дека се подготвени да одат „до нивото што ќе биде потребно“ во тој судир.
Ал-Шами исто така ја обвини Саудиска Арабија дека настојува да наметне контрола над милиони граѓани на Јемен.
Тој го поздрави предлогот на Јордан за воспоставување летови кон Јемен и наведе дека властите во Сана ќе поддржат и други слични иницијативи.
Осврнувајќи се на ставот на Катар, Ал-Шами рече дека Доха требало да ја разбере реакцијата на Јемен, бидејќи и Доха, како што наведе, претходно беше изложена на блокада од страна на Саудиска Арабија.
Неговите изјави уследија откако јеменските вооружени сили изведоа напади врз цели во Саудиска Арабија како одговор на, како што тврдат, саудиските напади врз територијата на Јемен.