📽️ ГЕРМАНИЈА И ХОЛАНДИЈА ЕЛИМИНИРАНИ НА ПЕНАЛИ Парагвај и Мароко испишаа историја на Светското првенство
Парагвај ја елиминира Германија, а Мароко ја испрати Холандија дома по две драматични пенал-серии, во ден што ќе остане запаметен како еден од најизненадувачките на Светското првенство.
Две европски фудбалски велесили доживеаја шокантна елиминација во ист ден на Светското првенство. Германија и Холандија го завршија настапот уште во осминафиналето, откако по изведување пенали беа елиминирани од Парагвај, односно Мароко, во два драматични натпревари што донесоа едни од најголемите изненадувања на Мундијалот.
Репрезентацијата на Парагвај го приреди првото големо изненадување на нокаут-фазата, елиминирајќи го четирикратниот светски шампион Германија по подобро изведување пенали со 4:3, откако регуларниот дел и продолженијата завршија нерешено 1:1.
Парагвајците поведоа во 42 минута преку Хулио Енцисо и со минимална предност заминаа на полувремето.
Германија израмни веднаш по почетокот на второто полувреме, кога Каи Хаверц ја затресе мрежата за 1:1. Германците подоцна постигнаа уште еден гол, но по интервенција на ВАР тој беше поништен.
Победникот беше решен по пеналите, каде што Парагвајците беа посмирени. За Германија промашија Јонатан Тах, Ник Волтемаде и Каи Хаверц, додека кај Парагвај не реализираа Антонио Санабрија и Фабијан Балбуена.
Парагвај во четвртфиналето ќе се соочи со победникот од дуелот Франција – Шведска.
Набргу потоа следуваше уште едно големо изненадување. Репрезентацијата на Мароко ја елиминира Холандија, исто така по изведување пенали, откако натпреварот заврши 1:1, а Мароканците славеа со 3:2 од белата точка.
Холандија беше на чекор до пласман во следната рунда, откако Коди Гакпо погоди во 72 минута.
Сепак, Мароко не се предаде и во првата минута од судиското надополнување Иса Диоп постигна гол за израмнување и ја одведе средбата во продолженија, а потоа и на пенали.
Во пенал-серијата за Мароко прецизни беа Рахими, Талби и Саибари, додека за Холандија погодија Копмајнерс и Вегхорст.
Непрецизни беа Ел Ајаноуи и Хакими кај Мароко, а Клајверт, Тимбер и Самервил кај Холандија.
Мароко во четвртфиналето ќе игра против Канада на 4 јули во Хјустон.