ФРАНЦУЗИН УМРЕ ОД ЖЕШТИНА ВО ДОЛИНАТА НА СМРТТА ВО САД Му се расипал автомобилот, тргнал пеш, по 2 часа се струполил
Во Долината на смртта моментално е на сила предупредување за екстремни жештини со температури кои достигнуваат речиси 48 степени.
Француски турист го загуби животот откако со својот сопатник остана заглавен со автомобил на екстремно високи температури во познатиот национален парк Долина на смртта во Соединетите Американски Држави.
Трагедијата се случила кога Пјер Мишел Формоза и неговиот сопатник се возеле по локален пат, каде што нивното возило се заглавило во кал. Бидејќи во близина немало други возила ниту телефонски сигнал, двајцата одлучиле пешки да тргнат преку солените рамнини за да бараат помош. Меѓутоа, додека температурата тој ден достигнала пеколни 46,6 степени Целзиусови, Формоза дехидрирал и се срушил по само два изминати километра. Неговиот пријател продолжил сам и успеал да наиде на друг автомобил, по што веднаш ја алармирал спасувачката служба.
И покрај брзата интервенција со хеликоптер и копнени екипи, спасувачите само можеле да констатираат смрт кога го пронашле телото на францускиот турист.
Управникот на националниот парк, Мајк Рејнолдс, изрази длабоко сочувство до семејството и предупреди дека овој трагичен настан е суров потсетник за тоа колку брзо условите во оваа пустина можат да станат фатални.
Во Долината на смртта моментално е на сила предупредување за екстремни жештини со температури кои достигнуваат речиси 48 степени.
Спасувачките служби потсетија дека ова е најтоплото и најсувото место во Северна Америка, каде што покриеноста со мобилна мрежа речиси и да не постои. Тие повторно апелираа до сите посетители дека во случај на дефект или заглавување, најсигурно е да се остане во или до возилото. Автомобилот обезбедува каква-таква сенка и заштита, а за спасувачките тимови е десеткратно полесно да забележат автомобил од воздух отколку осамен пешак во пространата пустина.
Долината на смртта е едно од најекстремните места на Земјата – огромна пустинска област во западниот дел на САД, позната по рекордните горештини, сушата и необичниот пејзаж. Се наоѓа главно во Калифорнија, со мал дел што навлегува во Невада. Од Лас Вегас е оддалечена приближно два часа возење.
Во Долината на смртта во 1913 година е измерена температура од 56,7 степени, рекорд што и денес е официјално признат од Националната служба за паркови. Таму се наоѓа најниската точка во Северна Америка, околу 86 метри под нивото на морето. Годишно паѓаат само околу 5 сантиметри дожд.
Долината на смртта е многу популарна туристичка дестинација. Во 2025 година ја посетиле повеќе од 1,32 милион луѓе.