ФОЛКЛАНДСКИТЕ ОСТРОВИ СЕ И ЌЕ ОСТАНАТ БРИТАНСКИ Порака на Лондон по извештаите дека САД можат да го оспорат британскиот суверенитет

Ставот на Обединетото Кралство во врска со Фолкландските Острови е долготраен и непоколеблив. Тие се и ќе останат британска прекуокеанска територија, во согласност со желбите на жителите на тие острови, изјави портпаролот на британската влада.

0

Британската влада денеска соопшти дека Фолкландските Острови се и ќе останат британски. Ова следува по извештаите дека Соединетите Американски Држави би можеле да се спротивстават на британскиот суверенитет над таа територија.

„Ставот на Обединетото Кралство во врска со Фолкландските Острови е долготраен и непоколеблив. Тие се и ќе останат британска прекуокеанска територија, во согласност со желбите на жителите на тие острови“, изјави портпаролот на британската влада.






Тој потсети дека „жителите на островот постојано ја изразуваат својата желба да останат британска прекуокеанска територија“ и порача дека нивното право на самоопределување е од првокласно значење.

Засега нема официјална одлука дека САД ја оспоруваат британската сувереност над Фолкландските Острови, туку станува збор за извештаи дека американски претставници разгледуваат или би можеле да ја искористат американската позиција за Фолкландите како средство за притисок врз Велика Британија.

Според ексклузивниот извештај на Телеграф, американски претставници наводно разгледуваат можност Вашингтон да се спротивстави на британскиот суверенитет над островите доколку Лондон не исполни одредени американски барања поврзани со одбранбените трошоци и целта на НАТО од 5 отсто.

Официјалната американска позиција за островите традиционално е неутрална: САД го признаваат фактот дека Велика Британија управува со островите, но формално не заземаат страна во спорот за суверенитетот меѓу Велика Британија и Аргентина. Американскиот Стејт департмент ја повтори таа позиција и во април годинава.

Фолкландските острови се наоѓаат во јужниот дел од Атланскиот Океан, спроти Аргентина.

Поврзани содржини