ЕВРОПСКОТО ЗЕМЈОДЕЛСТВО ПРЕТРПЕ ШТЕТА ДО 17 МИЛИЈАРДИ ЕВРА Горештините, сушата и пожарите го земаа данокот
Европскиот комесар за земјоделство Кристоф Хансен проценува дека екстремните горештини, сушата и шумските пожари предизвикале штета од 14 до 17 милијарди евра, а конечната сметка ќе биде позната по завршувањето на жетвата.
Екстремните горештини, сушата и шумските пожари низ Европа во текот на летото предизвикале штета од меѓу 14 и 17 милијарди евра во земјоделскиот сектор на Европската Унија, изјави европскиот комесар за земјоделство и храна Кристоф Хансен.
– Целиот обем на загубите ќе стане јасен дури откако ќе заврши жетвата – изјави Хансен по состанокот на министрите за земјоделство во Брисел.
Тој повика на поголеми инвестиции во складирање на вода и во попрецизни методи за наводнување, со цел земјоделството подобро да се справува со последиците од екстремните временски услови.
Хансен исто така повика на задолжително осигурување, кое би ги заштитило земјоделците од загуби и би помогнало да се поттикнат нови инвестиции во земјоделскиот сектор.
– Само 12 отсто од земјоделското производство во Европската Унија во моментов е осигурено од штети – рече Хансен.
Европската комисија веќе најавува мерки за поголема отпорност на земјоделството кон климатските ризици. Европската комисија во септември објави дека ЕУ планира иницијатива за климатско осигурување, со која би требало да се зголеми покриеноста од последиците на екстремните временски настани.
Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, во својот говор за состојбата на Унијата претходно овој месец најави и европска иницијатива за водата, како и мерки за надминување на празнините во осигурителното покритие за земјоделците.
Последиците од екстремното лето веќе се видливи на европските земјоделски површини. Според денешната процена на Заедничкиот истражувачки центар на Европската комисија, продолжените горештини и недостигот од врнежи го забрзале развојот на земјоделските култури, што довело до помали и поретки зрна, клубени и кочани, а намалената достапност на пасишта и сточна храна дополнително го зголемила притисокот врз сточарството.
Европската комисија во јулската прогноза за земјоделските пазари предупреди дека пролетните и летните култури може да претрпат последици од топлината и недостигот од вода, особено во регионите погодени од суша.