ЕВРОПСКИТЕ ТЕХНОЛОГИИ МОЖЕ ДА СЕ ПРЕСЛИКААТ ВО МАКЕДОНСКОТО РУДАРСТВО Геологот Димов уверува дека овие технологии имаат речиси нула емисии на загадување

Геологот оценува дека јавниот страв најмногу произлегува од лошите искуства со старите рударски практики, а Македонија располага со стручни кадри способни да ги применуваат современите решенија.

0

Експертите уверуваат дека новите рударски технологии имаат речиси „нула емисии“ кои евентуално би можеле да претставуваат предизвик за околината. Дел од ваквите современи практики се применуваат и во новиот рудник за бакар „Скуриес“ на Халкидики, во соседна Грција, кој според геологот Ѓорѓи Димов припаѓа на ист металогенски појас со Македонија. Токму во овој појас е и наоѓалиштето на бакар во Иловица.

Според геологот Димов, кој воедно е и Декан на Факултетот за природни и технички науки на штипскиот универзитет, поради овој појас двете држави располагаат со слични бакарни лежишта што претставува значителен развоен потенцијал за Македонија.






-Не гледам зошто не би можеле и ние да го следиме тој пример. Ако отидете да видите во „Скуриес“ веќе две години се подготвува таа нова технологија, која овозможува многу мала емисија, практично нула емисија на загадување, ако можеме така да кажеме. Сите патишта на емисиите се следат, има постојан мониторинг. Тоа се технологии кои се применуваат успешно насекаде во светот. Се она што се прави во овој момент во европските земји во целост треба да се преслика и тука – нагласува професорот Димов.

Тој додава дека денешното рударство се разликува од некогашното по примената на современи технологии и строгите европски стандарди за заштита на животната средина. Според него, јавниот страв најмногу произлегува од лошите искуства со старите рударски практики, а Македонија располага со стручни кадри способни да ги применуваат современите решенија.

– За да се надмине овој страв, да се добие довербата во локалните заедници каде треба да се спроведат тие проекти, мора да се убедат луѓето дека ќе се инсталираат најновите технологии. Релативно сме добро спремни за таа работа, бидејќи значаен дел од металичните рудници веќе на големо спроведуваат такви мерки. Имаме искуство и знаење. И тие како инвеститори и ние како истражувачи, проектанти… Имаме домашни капацитети тоа да го изработиме сами – заклучи геологот Димов во изјава за ТВ Канал 5.

Дел од жителите во регионот веќе дадоа поддршка за проектот за рудник за бакар во Иловица, гледајќи во него решение за драматичното намалување на населението и масовното иселување на младите. Од локалната иницијатива „И здравје и работа“ неодамна соопштија дека „загрижува што во јавноста сè почесто најгласни се оние кои без соодветна стручност се претставуваат како експерти за сè – од рударство и геологија, преку економија, па сè до право и меѓународни судски постапки“.

„Во едно демократско општество секој има право на мислење, но одлуките што ја одредуваат иднината на државата не смеат да се темелат на претпоставки, стравови или лични убедувања. Очекуваме институциите да ги слушаат оние чија професија е да анализираат и да носат стручни заклучоци – инженерите, геолозите, хидролозите, експертите за животна средина, економистите, научната заедница и релевантните институции, вклучително и Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ). Само врз основа на наука, факти и закон може да се донесуваат одлуки кои се во интерес на граѓаните“, соопштија од иницијативата.

Оттаму додадоа дека доколку проектите како „Иловица – Штука“ ги исполнуваат еколошките критериуми, тие можат да донесат стотици нови работни места, значително поголем извоз, повисоки приходи за државата и општините и посилен економски развој на целиот југоисточен регион. Од „И здравје и работа“ повикаа Македонија да не дозволи развојните можности да бидат заложници на дезинформации, политички притисоци или неосновани стравови.

Поврзани содржини