ЕНЕРГЕТСКИ ЦЕЛОСНО СЕ ПОВРЗУВАМЕ СО РЕГИОНОТ Мицкоски очекува геостратешката позиција на Македонија драматично да добие во значење
Мицкоски очекува во наредниот период Косово да ја согледа потребата од гасно поврзување со земјава и да се изгради и тој дел од гасоводот.
Со изградба на гасоводот кој ќе нѐ поврзува со Грција и со Србија којашто е дел од коридорот 10 и геостратешката позиција на Македонија станува драматично позначајна, споредно со тоа што беше во минатото, рече премеирот Христијан Мицкоски во своето обраќање по потпишувањето на договорот за изградба на поврзувањето со Србија.
– Овие проекти имаат огромно регионално, па и пошироко геостратешко значење и јас низ таа оптика го гледам и овој проект, оваа цевка којашто треба да ја поврзе Македонија со Србија. Исто како што цевката треба да ја поврзе Македонија со Грција. Посебно што овој цевковод е двонасочен и сето тоа му додава вредност на самиот проект – рече Мицкоски.
Според него, многу значајно за земјава е тоа што македонска компанија ќе го гради гасоводот исто како што македонска компанија ќе го гради автопатот Скопје-Блаце.
– Тоа е наш приоритет како Влада, македонски компании да изведуваат вакви стратешки проекти, се разбира во рамките на капацитетот којшто ние го имаме како држава и како градежна оператива. Сигурен сум дека со искуството кое што го има компанијата изведувач ќе го искористи максимално во реализацијата на овој проект и ќе ги почитува роковите кои што се зададени во договорот – рече Мицкоски.
Тој додаде дека е значаен и фактот дека ова е уште една инвестиција кон реализирање на стратешката цел на Владата – да бидеме раскрсница на два паневропски коридора, коридорите 8 и 10.
Мицкоски очекува во наредниот период Косово да ја согледа потребата од гасно поврзување со земјава и да се изгради и тој дел од гасоводот.
– Ќе биде исто добро и онаа отсечка за која што зборувавме до другиот наш северен сосед, до Косово, ако можеме да ја направиме. Јас вчера зборував и со премиерот на Косово дека и покрај тоа што тие имаат доволно количини јаглен, имајќи ги предвид новите регулативи во рамките на Европската Унија итн., оваа физибилити студија можеби ќе ни даде одговор за потребите, па можеби во иднина, иако тие сега велат дека не им треба ваква врска, мислам дека треба да се оствари можност за во иднина и тоа да се сработи – рече Мицкоски.
Македонскиот дел од гасниот интерконектор кон Србија ќе биде долг 22,4 километри, со дијаметар од 500 милиметри. Почетната точка ќе биде кај блок-станицата „Клечовце“, а крајната точка ќе биде на границата со Србија, во близина на селото Сопот.
Гасоводот ќе го гради македонската компанија „Рапид Билд“ која треба да го заврши до последниот квартал од 2028 година.
Инвестицијата ќе изнесува 29,4 милиони евра.