ЕРОЛ МАСК НА ПРИЈАТЕЛИТЕ ИМ ПРЕПРАЧУВА ДА СЕ ПРЕСЕЛАТ ВО РУСИЈА Му се допаѓа гостопримливоста на Русите
Таткото на американскиот милијардер Илон Маск вели дека Русија ја доживува како место во кое секој нормален човек би бил среќен да живее.
Ерол Маск, таткото на американскиот милијардер Илон Маск, на пријатели и познаници од Јужна Африка кои размислуваат да се иселат од земјата им препорачал, меѓу другите можности, да размислат за преселување во Русија.
Како што пренесува српскиот весник „Политика“ Маск во интервју за руски агенции изјавил дека Русија ја смета за земја во која, според неговото мислење, многу луѓе би можеле да најдат добро место за живеење.
– Им советував на луѓето од Јужна Африка – ако ќе ја напуштате Јужна Африка, размислете за преселување во Русија – изјавил Ерол Маск.
Тој додал дека Русија ја доживува како место во кое „секој нормален човек би бил среќен да живее“.
Таткото на основачот на компаниите „Тесла“ и „СпејсИкс“ и претходно позитивно говореше за Русија и нејзините граѓани. Тој истакнувал дека особено впечаток му оставиле гостопримливоста, непосредноста и љубопитноста на Русите кои ги запознал.
Ерол Маск во една прилика се осврна и на западните санкции против Русија, оценувајќи дека бројни ограничувања не ги постигнале целите поради кои биле воведени.
Како пример тогаш го наведе исклучувањето на Русија од одредени меѓународни платни системи, меѓу кои „Виза“ и „Мастеркард“, тврдејќи дека тоа не создало посериозни проблеми за секојдневниот живот на граѓаните бидејќи во Русија функционираат национални системи и инструменти за плаќање.
Зборувајќи претходно за впечатоците од Русија, Маск наведе дека им се восхитува на руските граѓани, на нивната срдечност и насмевки, опишувајќи ги како гостопримливи и љубопитни луѓе.